Во тек се големите Велигденски пости. Споделуваме манастирски рецепти за благи и солени јадења со кои ќе си ја освежите посната трпеза:

Посни рецепти без масло (на вода)

ЌОФТИЊА ОД ЛЕЌА

леќа, хељда, морков во ист сооднос (на пр. по ½ шолја од сите)
средината од 2-3 парчиња стар леб
по желба праз/кромид/лук/магдонос
сол, бибер, кари, вегета

Леќата се вари околу 30 мин. (да биде цврсто зрното) и се цеди. Хељдата се мие, се вари во малку вода (колку да ја покрие), првата вода се фрла; во втората вода се додава сол; кога ќе ја впие целата вода тогаш е сварена. Морковот се бари на пареа или се вари (ако се употребува праз истата постапка како за морковот). Зеленчукот се сечка на ситно, се меша со леќата и хељдата (ако нема хељда, може ориз или просо), се додава сув леб и се зачинува по вкус. Смесата се меша убаво, се остава да отстои за да го впие вишокот течност, се обликуваат ќофтиња (или ќебапи). Се редат во тавче посипано со брашно (може палента или презла место брашно) и се печат во претходно загреана рерна до 200°С околу 40 минути до 1 час.

ПАШТЕТА ОД ОРЕВИ

4-5 компири
250 гр. мелени ореви
1-2 лажици доматно пире
1-2 лажици сенф
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, ситно сечкан млад лук и кромид по вкус

Компирите се лупат, се варат (како за пире); кога ќе се свари водата се одделува (не се фрла, по потреба се додава во пирето). Компирот се пасира, се додаваат оревите и другите состојки. Се меша со миксер и се дотерува по вкус со зачините.

ХУМУС

200-250 гр. печена леблебија се меле во мелница за кафе. Се додава сенф, сол, сок од ½ лимон, млака вода колку да се добие густина на паштета. На крајот се додава толчено лукче по вкус.

КРЕМ-СУПА

основа за крем-супа:
4-5 компири
2 лажици таан
Сок од ½ лимон
Сол, бибер, копар/магдонос

Излупените компири се варат во толку вода колку да се покријат компирите. Кога ќе се сварат се вадат од водата и се ладат. Изладени се ставаат во блендер со 1 чаша ладна вода, таан и лимон. Се блендира и се истура во водата во која бил варен компирот. Се додава толку вода колку да се добие густина на крем-супа. Се остава да зоврие и се зачинува со сол, бибер и копар или магдонос.

Ова е основен рецепт за крем-супи на вода. Може да се употребуваат многу комбинации: компир + морков, компир + печурки, компир + грашок, компир + спанаќ, компир + праз, компир + брокула и сл.

БИСТРА СУПА ОД ЗЕЛЕНЧУК

1-2 моркови
½ кг. спанаќ
1/3 пашканат
1/3 корен од целер
1 шака овесни снегулки или пченични никулци
Сол, бибер, вегета

Морковот, пашканатот и целерот се сечкаат на коцки и се варат во малку вода. При крајот од варењето се додава вода по потреба (литар и пол до два), се остава да зоврие, се додава крупно исечен спанаќ и овесните снегулки или никулците и сето тоа се вари 5-6 минути. Вкусот се дотерува со сол, бибер, вегета.

Овој рецепт може да се користи за други комбинации: брокула, компир, карфиол, блитва и сл. Наместо овесни снегулки или никулци може да се употреби фиде без јајца, други посни тестенини или ориз.

САЛАТА ОД ЦВЕКЛО

3-4 варени или печени корени цвекло
1-2 живи моркови

Прелив:
2 лажици таан
1 лажица сенф
Млака превриена вода
Малку сок од лимон
Сол по вкус

Излупените цвекло и морков се рендаат на крупно. Состојките за преливот убаво се мешаат да се добие изедначена маса, се посолува по вкус. Може да се додаде ситно сечкано младо или старо лукче и/или кромитче. Се прелива салатата.

Овој прелив се употребува и за други салати. Во преливот може да се додаде оцет место сок од лимон. За салати со компир може наместо лимон и лажица од доматно пире.

САЛАТА ОД БОРАНИЈА

200-300 гр. варена боранија или брокула
1-2 варени моркови
Плус варен зеленчук по желба:
Грашок од конзерва или варен
Пченка од конзерва или варена
Варено папудо или сл.

Боранијата (брокула) се сечкаат на крупно, се додаваат морковите исечени на коцки или стапчиња + грашок/пченка или папудо околу 100гр. Се зачинува со горе напишаниот прелив.

САЛАТА ОД МАРУЛА СО КОМПИР

4-5 компира
1 средно голема марула

Компирите се варат во лушпа, изладени се лупат и се сечат на тенки тркалца. Марулата убаво се суши во крпа, се сече на ситно, се меша со компирот и се зачинува со преливот.

МАРИНИРАНА БРОКУЛА

1 кг. брокула
5 л. вода + 50 гр. сол + 3 гр. лимонтус

Состојки за маринада:
1 ½ чаша оцет, 2 ½ чаши вода, ½ лажица шеќер, 20 зрнца бибер, 1 ловоров лист и 1 лажица сол.

Брокулата се вари во водата со додатоци (малку, 6-7 мин., затоа што омекнува во маринадата), се цеди, се става во стаклен сад. Состојките за маринада се ставаат во тенџере и се оставаат да зовријат. Додека е уште жешко се прелива преку варената брокула и се остава да се лади без капак. Изладено, може да се стави во фрижидер. Се служи како гарнир со риба, ќофтиња и сл.

На таков начин може да се приготват тиквички, свежа зелка, карфиол и сл.

Повеќе на preminportal.com.mk



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.