„Фестивал на биодиверзитетот“ овој викенд ќе се случува во паркот на Франкофонија, во периодот од 10:00 до 18:00 часот. Настанот е замислен како неформално дружење, можност цел ден да сте на отворено, во парк, а притоа да дознаете многу работи за нашите автентични овошја и зеленчуци, традиционалните сирења, џемови, месни производи, тартуфи, масла, ракии, пива, вина.., истите да ги пробате и се разбира, да ги препорачате на своите пријатели.

Настанот, по втор пат го организира Слоу Фуд Водно со поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство а целта е да им се помогне на локалните производители кои ја почитуваат животната средина.

Фестивалот на биодиверзитетот почнува во 10 часот, со изложбен и продажен дел на триесетина локални производители на храна, вино и пиво. Слоу фуд во своите редови ги има најдобрите производители на храна, кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна.

Дневната агенда е следна: од 12 часот е официјалното обраќање на претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а потоа и на Василка Стефановска – претседател на Слоу Фуд Водно. Еден час подоцна е презентација на програмата -Слоу Фуд Училишни градини со Билјана Митреска – координатор во Слоу Фуд Водно.

Во 14 часот следи промоцијата на Слоу Фуд Гостилници и Слоу Фуд Вино, кои во меѓувреме станаа вистински водичи за добра храна и вино во нашата земја. Промотори се новинарката Валентина Вања Тодоровска и Николче Николовски.

По дегустација на вина од малите семејни винарии, „сцената“ е за Шеф Зоран Мајновски, член на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија, кој ќе подготвува гастрономски специјалитети со намирници од локалните производители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.