На Водици (19 јануари) на еден од најголемите христијански празници, Општина Крива Паланка организира масовен настан „Водици, Богојавление 2024“, можност на најубав начин, сите заедно да го одбележат и прослават овој голем ден.
Церемонијата започнува со свечена Богојавленска литургија: верниците наутро ќе го посетат Соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј, по што ќе се упатат кон Мостот и кејот на Крива река, каде се осветуваат водите. Потоа, традиционално се фрла чесниот крст, највозвишен и најсвечен чин на Водици а верниците влегуваат во Крива река за да го фатат.
Централната манифестација што ќе ја води Ирена Спировска започнува на Градскиот Плоштад: продолжува празничниот дух со музичка програма за која се задолжени Благоја Алачки со пријателите- ќе се изведуваат познати македонски народни песни во традиционален дух, ќе се слушнат и хитови, играорни песни и ора, и секако најпопуларната „паланечка тројка“.
Клучниот настан на Водици што го организираат Македонската асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“ со претседателката Адријана Алачки во соработка со Општина Крива Паланка е натпреварот за најубава Богојавленска софра. Традиционалните специјалитети на оваа софра ќе ги приготвуваат Здруженијата на пензионери, Организации на жени, Дневен престој за активно стареење од Крива Паланка, млади гастрономи, учениците, идните готвачи од СОУ „Ѓорче Пертов“, индивидуални домаќинки…
Судиите од „Гастромак“ ќе одбираат најубавата, највкусната и најдобро аранжираната Богојавленска трпеза каде ќе царувааат вкусовите, миризбите и боите на нашата богата традиционална гастрономија.
На Плоштадот, во огромен котел ќе се вари грав кој ќе може да се купи по симболична цена од 50 денари: средствата се наменети за социјално загрозените матуранти. Ќе се дегустира и најважниот специјалитет за Водици, традиционалната пача, ќе се пие домашен чај а ќе се наздравува со греана ракија.
Минатата година Водици во Крива Паланка привлекоа многу верници а годинава се очекува масовна присутност на кривопаланчани ама и на многубројните гости што го почитуваат овој празник.
НАТПРЕВАРУВАЧИ ЗА „НАЈУБАВА БОГОЈАВЛЕНСКА СОФРА“
1. Здружение на пензионери од Општина Неготино
2. Здружение на пензионери Куманово (натпреварувачка софра и маса со ракотворби)
3. Здружение на пензионери Крива Паланка и Ранковце „Крива Паланка“
4. Дневен престој за здраво стареење од Крива Паланка
5. Добринка Смилчева од Свети Николе
6. Здружение „Жаклин Арт“ Општина Ѓорче Петров- (со ракотворби и натпреварувачка маса)
7.СОУ „Ѓорче Пертов“,угостителско туристички смер
НАГРАДИ
1. Награда за најубава Богојавленска софра
2. Награда за највкусна Богојавленска софра
3. Награда за најубаво аранжирана Богојавленска софра
4. Награда за најавтентични садови
5. Награда за млади и талентирани готвачи
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.