В петок, на 12 април, Центарот за кариера при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од 11 до 15 часот, на платото на УКИМ, во кампусот на општествените науки, организира одбележување на два настана – Отворен ден на УКИМ и Ден за кариерен развој на УКИМ.
По пригодните обраќања на ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, раководителката на Центарот за кариера, проф. д-р Јасмина Тониќ Рибарска и претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски, секој од факултетите и институтите на УКИМ, како и повеќе од 30 компании, ќе се претстават на свој штанд пред заинтересираните средношколци – матуранти и пред студентите кои сакаат да се запознаат со можностите за вработување и практикантство, за време и по завршувањето на студиите.
Настанот ќе биде интерактивен, со дискусии, насоки и советување и од претставниците на единиците и од компаниите, преку запознавање на студиските програми, можностите за стипендирање, вклученоста во научноистражувачки проекти, можностите за меѓународна размена и за студентскиот живот, со цел инспирација, насочување и помош во донесување одлука при изборот на конкретната академска средина или идниот кариерен развој во бизнис-средината. Исто така, во рамките на настанот ќе има и зона за забава (со настап на студентите од Факултетот за драмски уметности и Факултетот за музичка уметност), како и освежување со пијалаци и одбрана музичка плеј-листа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.