Под покровителство на сопругата на кандидатот за претседател Стево Пендаровски, г-а Елизабета Ѓоргиевска, а по повод Денот на здравјето, денеска се организираше тркалезна маса на која учествуваа д-р Милена Стевановиќ, г-а Елена Ковачевска и група млади студенти од областа на медицината.

Фокусот на дискусијата беше насочен кон иднината на медицината, со особено внимание на менталното здравје на младите, можности за младите доктори во нашата држава, како и предизвиците кои се пред нив.

Г-а Ѓоргиевска го истакна значењето на менталното здравје кај младите, посочувајќи дека темелното разбирање и интеграција на оваа компонента во медицинското образование е клучно за развојот на целосно подготвени здравствени професионалци. Таа ја нагласи важноста од промовирање на свесноста и поддршката за менталното здравје, особено во контекст на стресот и притисокот со кои се соочуваат младите луѓе во нивното образование и различни фази на кариерата.

Околу одлевањето на кадри и креирањето можности, г-а Ѓоргиевска посочи „Како професор и доктор, ја имам привилегијата секој ден да работам со талентирани и посветени студенти. Тоа ми овозможува да бидам дел од нивното образование и развој, што е исклучително инспиративно и исполнувачки. Сепак, се соочувам со сериозен предизвик – голем број од моите најдобри студенти си заминуваат во странство во барање на подобри можности. Ова е проблем со кој мораме активно да се бориме, ангажирајќи се да создадеме подобри услови за нив овде, дома.

Во мојата улога како координатор на Еразмус програмата, веќе неколку години се обидувам да обезбедам можности за нашите млади да искусат и учат од европските метрополи, со цел тие да ги пренесат своите стекнати знаења и вештини назад во нашата земја. Така исто, ги охрабрувам да ги искористат различните можности и стипендии што ги нудат Министерството за образование и наука и различни амбасади. Наша задача е да ги мотивираме да се вратат и да придонесат кон развојот на нашата заедница, осигурувајќи дека иднината на нашата земја е во сигурни раце.”

Елена Ковачевска и Милена Стевановиќ придонесоа со свои перспективи за можностите и предизвиците со кои се соочуваат младите доктори во земјата, подвлекувајќи иницијативи и мерки кои треба да се преземат за подобрување на нивните услови и перспективи.

Младите студенти активно учествуваа во дискусијата, споделувајќи свои искуства и мислења за иднината на медицината и своето место во неа. Тие ја истакнаа потребата од поинклузивен пристап кон менталното здравје и подобрена поддршка во нивните образовни и професионални патеки.

Настанот заврши со заклучок дека соработката меѓу образовните институции, здравствените организации и младите професионалци е клучна за создавање на подобра иднина во медицината, каде што менталното здравје и благосостојбата на здравствените работници ќе бидат во преден план.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.