Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ Скопје утре (28 ноември) од 10 часот во киното „Синеплекс“ го организира Меѓународниот форум за креативни индустрии: Одржливо претприемништво во креативните индустрии.

Форумот се организира со цел да ги поттикне идеите за одржлив развој во креативните индустрии со акцентирање на Целите за одржлив развој дефинирани во рамките на Агендата 2030 за одржлив развој и нивната апликација во креативните индустрии и придонесите на креативните индустрии во постигнување на овие цели.

Културните и креативните индустрии се еден од приоритетите на Европската унија последниве години. Во оваа насока се движат и новите стратешки политики за развој на културата и креативните индустрии на ЕУ. Имено иноватините пристапи и модели како културно креативно претприемништво стануваат новата водечка филозофија на 21-от век во сферата на културата.

 

Повеќе од 20 гости од регионот и од Европа ќе дискутираат за одржливоста во креативните индустрии, одржливото претприемништво, женските бизниси, авторските права, иновациите, со цел за да се забрза напредокот во овие индустрии, а со самото тоа да се допринесе кон побрз економски раст и развој.

Форумот ќе биде отворен со пораки од министерската за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Метју Лосон, претставник од Делегацијата на ЕУ во Скопједиректорката на Британскиот совет за Западен Балкан, Клер Сирс и претседателката на УМПАКИ, Елена Бојаџиева-Цветковска.

 

На првиот панел „Одржливоста и креативните индустрии“ ќе говорат Мартин Каф, советник за креативни индустрии и туризам на српската премиерка Ана Брнабиќ, Филип Керн, директор на KEA European Affairs од Брисел, Матилда Балиу, советник на министерката за култура на Албанија, Симон Мокорел, Проектен менаџер и член на тимот на Нова Горица Европска културна престолнина 2025 од Словенија, и Џеневив Марчиниак, Консултант за глобални истражувања и стратегии за култура и креативни индустрии од Велика Британија.

Во фокус на форумот е и улогата на одржливото претприемништво во креативните индустрии, а во рамки на овој панел учесници се Анди Бридон, креативен директор на Агенцијата Curated Place од Велика Британија, Снежана Никчевиќ, програмски менаџер на организацијата 35mm од Црна Гора, Ирина Јаневска, претседателка на здружението АРНО, Димитар Јовевски, професор на катедрата за е-бизнис при Економскиот факултет во Скопје, Мила Јовановска од здружението „Биди зелен“ и Геновева Христова-Мари, ко-сопственичка и директорка на Лигна Груп, претседателка на Бугарскиот кластер за мебел.

Во рамките на настанот ќе ги слушнеме и мотицирачките приказни на Катерина Илијовска, ко-основач на Yes for Less првата македонска платформа на мали, средни и големи бизниси во нашата земја кои што на свој начин придонесуваат за одржлив развоји модната дизајнерка Мирјана Јосифоска, победничка на регионалниот натпревар „Зелени идеи од Балканот“, во категоријата зелен бизнис.

Третата панел-дискусија во фокус ги става авторските права во креативните индустрии  и улогата на организациите за колективно управување. На оваа дискусија ќе учествуваат повеќе претставници на европските колективни организации и федерации, меѓу кои Бил Андерсон од Федерацијата на европските филмски режисери FERA, Сара Лопез, директорка за интернационална соработка во AISGE Шпанија, Грегор Штиберник од Меѓународната конфедерација на аудиовизуелни автори AVACI, Урош Рожиќ и Петар Кеп од словенечката колективна организација АИПА, Никола Секуловиќ од словенечката „Коприва“,и други.

 

Форумот е поддржан од Министерството за култура во рамките на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), со кој од 1  јули годинава претседава Република Македонија. Настанот е поддржан и од Град Скопје, Британскиот совет, компанијата „Јиск“ и киното „Синеплекс“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.