Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска заедно со амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Дејвид Гир и претставници од регионот се обратија на регионалниот форум: родова еднаквост во пристапувањето на Европската Унија.
„Интегрирањето на родовата перспектива е наша обврска во процесот на пристапување во ЕУ и во сродните реформски процеси затоа посветуваме особено внимание од сите аспекти. Ова се рефлектира и во Стратегијата за Родова еднаквост 2022-2027 која ја усвои Собранието на Република Македонија како и во Националниот акциски план за родова еднаквост 2022-2024 година. За да можеме да го интегрираме ова прашање потребна е поголема сензитивност како и знаење за родовата еднаквост. Затоа и го воспоставивме Ресурсниот центар за креирање на родови политики и родово одговорно буџетирање. Центарот го отворивме во март 2022 година во рамки на проектот поддржан од UN Woman. Ова е прв ваков центар во регионот кој служи за градење на капацитетите на јавната администрација на национално и локално ниво. Во изминатиот период спроведени се 32 обука со 420 учесници“ истакна Тренчевска.
Таа посочи дека еднаквоста на жените и мажите во контекст на општеството во Македонија денес најдобро се изразува преку односот помеѓу политиката или политичкиот естаблишмент, односно како Владата и Собранието се однесуваат на ова прашање. Во таа насока Министерката истакна дека во континуитет Собранието усвојува збир на закони, стратегии и други документи за антидискриминација, со кои се прави исчекор кон исполнување на обврските на државата Македонија преку усогласување на нејзината регулатива со регулативите на ЕУ.
Тренчевска го затвори своето обраќање повикувајќи на кршење на стереотипот дека само жените треба да се едуцираат кога се работи на прашањето за родовата еднаквост правата на жените и на мажите и родово базираното насилство, туку дека сите треба да бидат подеднакво вклучени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.