Дојран беше местото каде се одржа третиот од серијата јавни настани за подигање на јавната свест помеѓу младите луѓе насловен „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“. Во рамките на мултимедијалниот настан за подигнување на јавната свест во локалната заедница, особено меѓу младите луѓе и потребата за создавање на вистинско еднакво и различно општество, се одржа панел дискусија, на која покрај Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, се обратија и Фатмир Битиќи, Заменик претседател на Владата, Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција и Сања Лукаревска, Директорка на УЈП. Своите успешни и инспиративни приказни  ги раскажаа и Василка Салевска-Трајкова, која ја извршува функцијата Менаџер за корпоративни прашања во компанијата Филип Морис Интернешнл, Нева Грашиќ, советничка во Владата на Словенија, Марија Андреева, Проектна раководителка од Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје, Претседателот на ФОП, Бленди Ходаи и асистентката на ИБУ Универзитетот, Назли Чан.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска посочи дека е горда што денес како министерка може да остави трага правејќи конкретни позитивни промени во општеството.

Произлегувам од многудетно семејство со четири ќерки, а сум благодарна на моите родители кои на сите ни ја всадија хуманоста, борбата за човековите права и праведноста. Тогаш започнав да ги стекнувам вредностите кои денес ги имам, во прв ред праведноста, хуманоста и еднаквиот третман кон сите луѓе. Така и се трасираше патот во мојата професија: да се борам за децата, правата на жените, на работниците, но и да се борам против било каков облик на дискриминација. И токму денес, како министерка можам да направам нешто конкретно и многу повеќе за сите овие заложби за кои отсекогаш сум се борела“, рече Тренчевска.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека историски гледано општествата не секогаш биле правични кон жените, па така шансите за образование, напредување во кариерата и еднакви можности биле неправедно ускратени или ограничени, оставајќи ги да се чувствуваат маргинализирани и обесхрабрени.

„Само со предизвикување на општествените норми и обезбедување еднаков пристап до образование, вработување и можности за лидерство, можеме да создадеме свет каде шансите не се одземаат врз основа на полот, годините, етничка или национална припадност, туку се даваат подеднакво на сите, базирано на нивните автентични потенцијали и капацитети. Вакви шанси ни се потребни, на сите, секаде. Затоа и кога ќе дојде ваш ред, не заборавајте да ја дадете“, истакна Битиќи за време на дебатата насловена „Еднаква, своја, успешна!“

Поголемо учество на жените во општествениот живот значи повеќе култура, компромиси и унапредување на се она што е добро и впечатливо, нагласи директорката на УЈП, Сања Лукаревска за време на настанот.

„Се бориме како жени, ние никогаш не сме се бореле за да владееме со животите на мажите. Нашата борба е многу поинаква, нашата борба е за нашите сопствени избори, бидејќи ние не претставуваме само еден суптилен, преубав детал во сликата на среќно семејство, не сме совршен детал во понудите за успешни станбени кредити, не сме совршен детал во рекламите за квалитетни средства за чистење по дома. Нашата приказна е многу поголема и заслужуваме многу повеќе“, посочи Лукаревска.

Василка Салевска-Трајкова, Менаџер за корпоративни прашања во Филип Морис Интернешнл како една од причините поради кои се одлучила да работи за ФМИ го издвои негувањето на култура на различноста како најголема движечка сила.

„Филип Морис Интернешнал е во сите свои филијали е посветен на градење инклузивна култура и работно место што ја одразуваат различноста. Вистински доказ за сериозноста и посветеноста е постоењето на посебен тим за Инклузија и Различност, што на глобално ниво континуирано дизајнира и спроведува стратегии и иницијативи за да обезбеди еднаквост, застапеност, безбедност и благосостојба и да ги охрабри сите колеги да ги кажат своите ставови, за заедничко остварување на целите. Мисија на овој тим, како и на целата организација е постојано поттикнување на дијалогот за инклузија и различност и создавање и одржување работна средина каде сите се видени, слушнати и препознаени, затоа што поттикнувањето на инклузивно и разновидно работно место не само што е правилно, туку е и клучно за успехот на една компанија. Овие напори се препознаени преку Индексот за корпоративна еднаквост на Фондацијата за човекови права во САД, која претставува најважното истражување и извештај за мерење на корпоративните политики и практики поврзани со еднаквоста на работното место. За 2022 година ФМИ ја доби највисоката оценка“,

Според неа, постигнувањето на родова рамнотежа на сите нивоа на компанијата е еден врвните приоритети на Филип Морис Интернешнл.

„ФМИ е вклучен во индексот за родова еднаквост на Блумберг за 2022 година, поради посветеност на унапредување на еднаквоста на жените. Овој индекс ја мери родовата еднаквост во пет столба: линија на женско лидерство и талент, еднаква плата и родов паритет, инклузивна култура, политики против сексуално вознемирување и бренд кој ги промовира жените. За да помогне во зајакнувањето на напредокот во постигнувањето родова еднаквост, дизајнирана е и програмата „Жени во лидерство“ за поддршка на вработените жени, во навигација со предизвиците со кои жените најчесто се соочуваат на работа и во унапредувањето на нивните кариери. Во моментов, жените сочинуваат 42 отсто од вкупниот број на вработени, а повеќе од 40 проценти од лицата на раководни позиции се жени. ФМИ поседува сертификат од независната фондација EQUAL-SALARY од Швајцарија, што потврдува дека организацијата има одржливи политики и практики кои обезбедуваат подеднакви плати за своите вработени мажи и жени, за еднаква работа“, истакна Салевска-Трајкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.