Недостатокот на поддршка за финансирање и пристап до соодветни финансиски инструменти, недостаток од идентификација на таленти и образование кое ќе инспирира креативност, самоефикасност и проактивност, се меѓу главните предизвици со кои се соочуваат жените претприемачи во креативните индустрии. Во нашата земја има стратегија, но потребна е нејзина имплементација како и многу работа за да се поттикнат жените во креативните индустрии да станат бизнис лидери оти креативниот сектор има посебни потребни во однос на претприемаштвото.
Ова беа дел од заклучоците на неодамна одржаната панел дискусија на тема „Претприемништво во креативните индустрии: влијание врз економијата“ во рамките на Меѓународниот форум за креативни индустрии и улогата на женското претприемништво во креативната економија.
Анета Антова Пешева Претседател на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, посочи дека во моментов е многу потешко за една жена да почне сопствен бизнис отколку во поранешна Југославија кога жените биле порамноправни. Таа вели дека проблемот го гледа во институциите.
– Нема една единствена стратегија, туку секоја нова влада носи посебна стратегија. Имаме огромен недостиг од информации, министерствата не сакаат да разменуваат информации меѓу себе, затоа и толку каскаме со дигитализација. Не гледам никакви промени на подобро, се е тоа на хартија. Ние се собираме, зборуваме, ама од тоа нема ефект и тоа е голем проблем. Само ако некоја организација или компанија има слух, тогаш може една млада девојка да почне бизнис, инаку не е можно. Жената треба да биде финансиски стабилна оти тука се остварува рамноправноста таква каква што треба да биде – рече таа.
Влора Адеми, потпретседателка на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), која повеќе од една декада работела и како менаџер за образование, вели дека потфрламе на оперативно ниво оти нема акционен план ниту дефиниран буџет за сето тоа да се реализира. Според неа, потребни се меѓународно искуство и надворешни експерти за насока.
– Од моето истражување за женското претприемништво на Балканот увидов дека не постои некое конкретно олеснување поради тоа што сум жена, макар да е тоа и даночно олеснување, едно нешто што може да се идентификува и ќе биде мерливо. Многу е важно да се помагаат младите девојки. Не сакам да верувам во случајност, ами во еден систем којшто помага, ги идентификува вештините на младите, ги идентификува јаките страни за да им помогне утре да работат на нешто што ќе има корист општеството – истакна Адеми.
Таа дополни и дека потребна ни е наставна програма за рамноправност, дека и мајката може да биде бизнис лидер, како и повеќе примери од изуми од жени и успешни практики за да се мотивираат младите девојки и жени.
Зборувајќи за стратегиите и проблемот со иселувањето на младите, Мартин Каф, советник за креативни индустрии и туризам на српската премиерка Ана Брнабиќ, рече дека е особено важно да се идентификуваат талентите и да се работи на нивниот развој.
-Во креативните индустрии многумина работат како фриленсери, претпримачи, самовработени, така што мора да се најде начин да се следат тие луѓе. Но, важно е да се создаде заедница и да се идентификуваат сите тие луѓе и тие информации што е основа да се зборува со владите – рече тој.
Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) го посочи дека ни недостасува мултиобразование кое ќе инспирира креативност, самоефикасност и проактивност.
-Креативниот сектор има посебни потребни во однос на претприемаштвото. Профитот не е секогаш главниот поттик, туку развојот на креативноста. Увидовме дека луѓето во креативните индустрии најмногу се инспирираат преку добри практики. За да инспирираме идни жени претприемачи во креативните индустрии треба да работиме и на образованието, но и на стереотипите. Работиме многу во руралните средини и ситуацијата таму е сосема различна отколку во градовите – истакна Смилјановски.
И Јасмина Цанева Лазовска, извршен директор на тренинг центарот за 3D моден дизајн VM3D, проблемот го гледа во образованието за кое треба да се бориме да го подобриме.
-Треба да зборуваме за надградба на вештини на сите граѓани без разлика на возраста. Ни недостасува вредност, нешто што не се учи на училиште ниту на факултет, а тоа според мене е најважното нешто – заклучи Цанева Лазовска.
Форумот го отвори министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. На вториот ден на форумот претставувања има Валентина Дисоска, претседателка на Националната платформа за женско претприемништво, Софија Штерева, директор на „Креатек Бугарија“, како и на Елизабета Јовановска, основачка на „Best Online Assistant“, а беше промовирана и Асоцијацијата за креативни индустрии (АКИ) во рамки на Стопанската комора на Македонија од страна на претседателката Елена Бојаџиева-Цветковска и Калина Миљовска од Стопанската Комора.
По официјалното завршување на Форумот имаше дел каде присутните можеа да поразговараат, да разменат искуства и да се вмрежат за остварување на заеднички цели и сопствен напредок.
Настанот го организираше Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ со поддршка од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.