Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на настанот со кој се одбележува 30-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

Особено сум почестен и благодарен за можноста да ви се обратам по повод одбележувањето на овој навистина значаен јубилеј, 30 години од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост на Република Македонија.

Во изминатите три децении Државниот завод беше главниот носител на заштитата на правата од интелектуална сопственост и од тој аспект, преку остварување на својата мисија е пример за професионално постапување. Секако, активностите на заводот се координирани и со останатите надлежни органи кои се дел од целокупниот систем за заштита на правата од интелектуална сопственост и оваа блиска соработка е од особено значење.

За ефикасна борба против фалсификувањето и пиратеријата и воопшто, за градењето на систем во кој правата на интелектуална сопственост ќе бидат имплементирани, нужно е постоење на соодветна правна платформа и силни институции. Затоа, како држава, мораме да вложуваме напори, во континуитет, за јакнење на Државниот завод за индустриска сопственост, како и на останатите институциите кои се дел од системот за  заштита на правата од интелектуална сопственост.

Во контекст на изнесеното, треба посебно да го нагласиме и значењето на усогласување на македонското законодавство со законодавството на Европската унија во областа на индустриската сопственост, што претставува еден од приоритетите за пристапување кон институциите на оваа организација. Без дилеми, тоа ќе биде додатен стимул за активностите на целокупната деловна заедница, а ќе им овозможи и на творците, иноваторите и компаниите, согласно стандардите на Европската унија, да бидат конкурентни и на пазарот на Унијата и пошироко, на глобалните пазари.

Ме радува присуството на денешната свеченост на претставниците на Светската Организација за интелектуална сопственост, Европскиот патентен Завод, Европскиот завод за интелектуална сопственост, како и претставници од заводите за интелектуална сопственост од земјите од регионот. На сите им посакувам искрено добредојде во Скопје и ја користам оваа прилика да ја изразам својата поддршка на потребата од блиска соработка и размена на знаења, информации и позитивна пракса во сите области од взаемен интерес за државите во регионот.

Со оваа порака би сакал да го завршам моето денешно обраќање, дозволете ми, само уште еднаш да го честитам големиот јубилеј на Државниот завод за индустриска сопственост и да посакам уште поголеми достигнување и успеси во иднина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.