На јубилејната, 40. Балканска математичка олимпијада, која што се одржа во Анталија, Турција, Македонија оствари нов рекорд. Првпат се освоени шест медали меѓу кои еден златен, еден сребрен и четири бронзени медали, соопшти Сојузот на математичари на Македонија.
Златниот медал освои Никола Спировски, Дамјан Давков освои сребро, а бронзените медали им припаднаа на Јан Стојановски, Алексиј Тасиќ, Никола Цветаноски и Алек Танаскоски.
Бројот на освоени тимски поени кој само во 2022 година беше 118 е уште еднаш надминат, и оваа година изнесува 157 поени, што ја пласира Македонија на 5. место во официјалната конкуренција. Македонија е една од трите држави со златен медал.
Уште една радосна вест е што една од задачите кои сите учесници ја решаваа беше македонски предлог (задача 1), во авторство на лидерот Никола Велов.
Во оваа прилика сакаме да им се заблагодариме на Анастасија Трајанова, Илија Јовчески и претседателот на комисијата за ММО и меѓународни натпревари проф. д-р Мирко Петрушевски, кои заедно со нас учествуваа во подготовките на тимот. На крај неизоставно им искажуваме благодарност на спонзорите Виктор Симјаноски, Бојан Јовески, Предраг Груевски, Бобо Станковиќ, Бојан Серафимов, Валентин Ѓорѓиоски, Тодор Ристов и Стојан Трајановски кои во целост го покрија финансискиот дел за подготовките, велат од тимот и додаваат дека во наредните денови на веб страната на СММ со сите ученици кои ја сакаат математиката ќе ги споделат материјалите од подготвителните часови кои ги посетуваа одбрани ученици во склоп на Олимписката школа Александар Блажевски-Цане.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.