Компанијата „КТ Филм и Медиа“ од Битола со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој ја пушти во употреба новата дигитална едукативна платформа „Кукл“ (Koocklе.com). Станува збор за мултидисциплинарна едукативна платформа со онлајн курсеви за филм, фотографија, пишување, маркетинг, која вклучува алатки и туторијали за едукација како и високо-квалификувани едукатори – вклучително универзитетски професори.
На платформата се присутни девет курсеви и тоа: Основи на програмирање, Основи на стоп-анимација, Основи на кинематографија, Основи на монтажа, Основи на филмска режија, Основи на дизајн на звук, Нови форми на креативно пишување, Основи на фотографија и Социјални медиуми и нивно менаџирање.
Станува збор за видео туторијали, кои може самостојно да се купат, но и дополнително во комбинација со интерактивни задачи и скрипти преку кои курсистите можат да го поминуваат материјалот и приватни консултации со обучувачите и демонстраторите. Платформата нуди и можност за креирање на работно портфолио со завршените задачи, кое служи како CV за нивните знаења и способности.
Потребите за вештини и знаења постојано се менуваат, посебно во креативните индустрии, кои заземаат голем замав во денешницата. Па така, образованието треба да го следи трендот за дигитализација. Додека ЕУ продолжува да напредува во зелените и дигиталните иновации, потребна е квалификувана работна сила за поддршка на трансформацијата и растот на Европа. Потребно е поголемо инвестирање во професионално образование и усовршување, како и подобра соработка со компаниите. Токму затоа, Европската комисија ја прогласи 2023 за Европска година на вештини.
Водени од тоа, целта на „Кукл“ е да ја пополни празнината во образованието во креативните и културните индустрии каде што има акцент на употребата на новите дигитални технологии и истовремено, да промовира кадар со специфични вештини во различни индустриски гранки.
Целна група се млади лица кои имаат потреба и сакаат да се доквалификуваат, преквалификуваат во некој сегмент на креативните индустрии. Потоа компании кои имаат потреба од ваков кадар и сите што сакаат да стекнат нови дигитални вещтини и компетенции и да ги подобрат нивните щанси да најдат вработување или да имаат подобри резултати на нивното сегашно работно место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.