Службата за мониторинг на климатските промени на ЕУ, Коперник, во вторникот објави дека овогодинешниот март бил најтопол досега, ставајќи крај на 10-месечната серија во која секој последователен месец поставува нов температурен рекорд, при што температурите на површината на морето достигнуваат нов апсолутен месечен рекорд за глобалната морска температура.

Секој од последните десет месеци е рангиран како најтопол некогаш забележан во светот во споредба со соодветниот месец во претходните години, според Месечниот билтен на Коперник.

Затоа, не само десеттиот последователен месец го собори сопствениот топлотен рекорд, туку и „глобалната просечна температура во последните 12 месеци е највисока досега забележана“ и го надминува прединдустрискиот просек за 1,58 степени Целзиусови поради децениските емисиите на стакленички гасови, чиј ефект е од средината на 2023 година, особено нагласени од феноменот Ел Нињо, изјави Саманта Бурџис, заменик-шеф на Службата за климатски промени Коперник.

„Тоа е долгорочен тренд со исклучителни рекорди за кои сме многу загрижени“, рече Бурџис, додавајќи дека следењето и „проучувањето на ваквите записи месец по месец навистина ни покажува дека нашата клима многу брзо се менува“.

Сетот на податоци на Коперник датира од 1940 година, а научниците го споредија со други релевантни податоци за да потврдат дека минатиот месец беше најтоплиот март од прединдустриската ера.

2023 година веќе беше најтоплата година на планетата според светските рекорди кои постојат од 1850 година.

Екстремните временски услови и исклучителните температури направија хаос на глобално ниво оваа година. Сушата предизвикана од климатските промени во прашумите на Амазон меѓу јануари и март поттикна рекорден број шумски пожари во Венецуела, а сушата во јужна Африка ги уништи посевите и остави милиони луѓе да се соочат со глад.

Рекордно затоплување на површината на морето

Бурџис рече дека податоците за морињата и океаните „не се помалку шокантни“, бидејќи новиот глобален рекорд на температурата на површината на океаните поставен во февруари беше повторно надминат во март.

Океаните покриваат 70 отсто од планетата и ја одржуваат површината на Земјата погодна за живеење, апсорбирајќи 90 отсто од вишокот топлина произведена од загадувањето со јаглерод диоксид што произлегува од човековата активност од почетокот на индустриската ера.

Научниците минатиот месец предупредија дека поради затоплувањето на океаните на јужната хемисфера ќе дојде до масовно белење на коралите и дека тоа може да биде најопасно во историјата на планетата.

Примарната причина за екстремната топлина се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човекот, според билтенот Коперник.

Други фактори кои влијаат на зголемувањето на температурата се Ел Нињо, природен метеоролошки феномен поврзан со затоплувањето на површинските води на источниот екваторијален Тихи Океан, кое се случува циклично во период од три или осум години.

Ел Нињо го достигна својот врв во декември и јануари и сега слабее, што може да помогне да се прекине жешката серија кон крајот на годината.

Потоплите океани значат повеќе влага во атмосферата. Научниците велат дека воздухот генерално може да задржи околу седум проценти повеќе водена пареа за секој Целзиусов степен на пораст на температурата.

Ова резултира со сè понепредвидливи временски услови, како што се жестоки ветрови и обилни дождови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.