По повод овогодишниот Меѓународен ден на жената, „Mattel“ одлучи да им оддаде почит на 8 жени од различни делови на светот кои со својот труд, работа и успех станаа вистински примери, а една од нив е неповторливата актерска дива Хелен Мирен.

Гламурозната кукла на познатата актерка во рацете држи Оскар кој го доби во 2007 година за улогата во филмот „The Queen“, но не е инспирирана од нејзината тогашна модна комбинација.

Имено, куклата носи син фустан, а косата ѝ е обоена во сина боја и на тој начин го имитира смелиот и впечатлив изглед кој актерката го избра за своето појавување на Канскиот филмски фестивал во 2023 година. Така, заедно со статуетката на Оскар доаѓа и лепезата што тогаш ја носеше Мирен, како и други модни додатоци.

78-годишната актерска ѕвезда, која ја презеде улогата на наратор во хит филмот „Barbie“, изјави дека создавањето на куклата го смета за голем комплимент.

„Јас сум апсолутно воодушевена од својата Барбика. Тоа што ме избраа за модел е голем комплимент и нешто што никогаш не би го замислила во моите најлуди соништа дека ќе ми се случи во оваа фаза од животот“, изјавила Хелен.

Куклата на Мирен е една од 8-те кукли направени спореед познати жени кои се големи примери, а нивната креација го слави Денот на жената, но и 65-годишнината од куклата Барби.

Покрај британската актерка, свои кукли добија и австралиската пејачка Кајли Миног и нејзината канадска колешка Шанаја Твејн, американската актерка Вајола Дејвис, бразилската инфлуенсерка Маира Гомез, мексиканската режисерка, продуцентка и сценаристка Лила Авилес, јапонскиот модел Никол Фуџита и германската комичарка Ениса Амани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.