Смртоносниот топлотен бран Кербер што ја зафати Европа пред неколку дена ги парализираше градовите лоцирани на Медитеранот, а во вторникот ја зеде првата жртва во италијанскиот град Лоди – 34-годишен работник на изградба на патишта почина поради неподносливите горештини.
Се очекува температурата и понатаму да расте, а метеоролозите предвидуваат дека ќе достигне неверојатни 50 степени.
Според некои информации, постои можност Кербер да влијаел на уште два смртни случаи, исто така во Италија.
Покрај тоа, Кербер им прави големи проблеми на туристите ширум Италија. Во вторникот во Рим, кога температурите надминаа 36 степени, десетици туристи се онесвестиле додека ги посетувале знаменитостите на градот, поради што итните служби имаа „полни раце“.
Инаку, во наредните денови температурите во Италија би можеле да достигнат и до 48,8 степени, па црвено предупредување е издадено за 10 градови, меѓу кои Фиренца и Рим.
На удар е и остатокот од Европа
Иако ситуацијата во моментов е најкритична во Италија, на удар се и другите европски земји. Топлотниот бран Кербер – именуван од Италијанското метеоролошко друштво по кучето со три глави што се појавува во пеколот на Данте – се очекува да донесе екстремни услови во текот на следните неколку дена низ најстариот континент.
На пример, во Шпанија температурите достигнаа и до 44 степени во јужните делови на земјата.
Црвениот крст во Шпанија ги повика граѓаните да ги проверуваат најчувствителните луѓе за време на високите температури, како што се децата и постарите лица. Тие ги повикаа луѓето да останат хидрирани и да внимаваат на знаци на топлотен удар, што може да вклучи повраќање и несвестица.
Метеоролозите најавуваат дека и во Грција температурите ќе достигнат до 44 степени. Во Атина, на Акропол ќе бидат поставени импровизирани подрачја за сенка, а на лице место ќе биде и Црвениот крст кој обезбедува бесплатна вода за посетителите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.