Во Битола се случува 11. издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Оваа година под мотото „Per astera ad astra“ (Патот до ѕвездите е трнлив) фестивалот за прв пат се одржува во еден нов формат, во организација на “Бабец театар“ од Битола и е дел од годишната програма за култура на Општина Битола  “Бит фест 2022“.

Оваа година Фестивалот започна со театарска работилница за изработка на кукли од разни материјали под раководство на актерот Марјан Георгиевски со што е продолжена традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница.

Со работилници, преку театар и со театарски јазик организаторите сакаат да ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. Театарската работилница за изработка на кукли ќе трае три дена односно ќе претставува еден експресно брз процес за создавање на куклена претстава во која куклите раководени од самите деца учесници на работилницата ќе оживеат на сцената во една кратка куклена претстава која ќе се одигра пред публиката на последниот ден од Фестивалот.

Покрај дружењето и развивањето на креативноста кај децата основната цел на оваа театарска работилница е што повеќе деца да успееме да ги заразиме со магијата на театарот и на тој начин да започнеме да создаваме нови театарски потковани генерации кои ќе бидат идната публика со високи театарски критериуми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.