Новогодишното украсување на градовите е најсилниот адут за поттикнување на празничната магија. Секоја година огромен број туристи ги посетуваат местата кои се накитени со секаков вид на новогодишни украси, од кои најголем дел се изработени од светилки. Дали крајот на годината, што е претставен како „најубавиот период” оваа година во земјава ќе блесне во целосен сјај со оглед на енергетската криза? Од Париз до Лондон веќе светнаа новогодишните светилки, но годинава со рестрикции во времетраењето, како и со избор на енергетски ефикасни светилки.

Две зими владееше пандемија со корона вирус и во тој период граѓаните едвај ги одбележаа празниците, потоа започна руската инвазија во Украина, што предизвика енергетска криза, проследена со инфлација, што доведува до фактот дека веројатно трета зима по ред нема да ја почувствуваме празничната еуфорија, како во времето пред сите овие случувања.

Од психолошки аспект, китењето на градовите и домовите, купувањето божиќни подароци, прославувањето на празниците и почетокот на Новата година, придонесуваат за добро расположение кај луѓето. И од економски еспект, декорирањето на градовите привлекува голем број туристи, па се поставува прашањето како да се направи балансот меѓу почитување на апелите за заштеда на електрична енергија, особено во зимскиот период кога приоритет се дава на затоплувањето на домовите и зачувувањето на новогодишниот дух.

Големите европски градови, кои се познати како топ дестинации за време на новогодишните празници поради исклучителното украсувања и оваа година ќе „блеснат”, но со оглед на состојбата, тамошните власти одлучија да го намалат бројот на часови кога ќе бидат вклучени светилките и се ориентираа кон енергетски ефикасни светилки.

Веќе е декември, а од Град Скопје се уште немаат информирано какви се плановите за новогодишното украсување. Околу тоа, во одговор за МИА, оттаму наведоа дека во претстојниот период на прес-конференција ќе ја соопштат одлуката и сите детали. Сепак, во главниот град веќе голем дел од угостителските локали се накитени.

Од друга страна, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков пред неколку дена изјава дека тој македонски туристички град ќе биде накитен и оти ќе се одржи новогодишна прослава без оглед на енергетската криза.

Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, во однос на тоа како да се заштеди електрична енергија, а сепак градовите да бидат накитени, рече дека општините треба да употребат ЛЕД светилки или лед модули.

– Општините кои ќе се одлучат за поставување на новогодишно украсување, наша препорака е да се одлучат за решение кое ќе биде енергетско најефикасно, како што се ЛЕД светилки и ЛЕД модули. Начинот на кој можат да го постигнат ова е при пропишувањето на јавната набавка како критериум да се воведе енергетската ефикасност, што е во согласност со Законот за енергетска ефикасност и притоа да се избере понудата со највисока енергетска класа. На овој начин општините би знаеле колкав би бил трошокот за електрична енергија при користење на новогодишното осветлување и на овој начин ќе се поттикнат и понудувачите да размислуваат за поенергетски ефикасни решенија – наведе Стојановски.

Тој додаде дека општините кои би се одлучиле за новогодишно осветлување, како дополнителна мерка за заштеда на електрична енергија, која можат да ја применат, е да го редуцираат времето на употреба на шест часа дневно.

Психологот Огнен Велевски за тоа како влијае китењето на градот врз расположението на луѓето, рече дека секако влијанието е позитивно, но оти во вакво време народот генерално би бил посреќен доколку средствата, кои би се одвоиле за китење, би се донирале на оние на кои им се најпотребни.

Која и да биде одлуката на градските власти во однос на китењето, апелите за штедење на електрична енергија треба да ги почитуваме и во нашите домови. Празнична атмосфера со помалку светилки, но со надеж дека следната година новогодишната еуфорија ќе се врати во целосен сјај.

Извор: МИА


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.