Од 19 до 27 август во Охрид ќе се одржи првиот Фестивал на водени спортови „Ohrid water festival“, кој има за цел промоција на Охрид, спортовите на вода и заштита на животната средина.

Во рамки на спортскиот дел опфатени се 17 спортови, меѓу кои и Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 26 август. Две третини од спортовите на фестивалот се олимписки дисциплини. Во рамки на фестивалот ќе се одржат и веслачка, кајакарска и едриличарска регата, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности, а преку изложби и социјални настани ќе бидат презентирани спортовите на вода, но и гастрономската и културната понуда на Охрид.

Долги години наназад слушавме и дебатиравме дека е потребна поголема промоција на водените спортови на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развојот на градот како интересна дестинација за спортски туризам, истакна на прес конференцијата градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Се работи за една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови. Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот. – рече Пецаков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.