Австралиско-американскиот медиумски тајкун Руперт Мардок повторно ќе се жени. Овојпат негова избраничка е Русинката Елена Жукова, која е молекуларен биолог во пензија.

Според очекувањата, милијардерот и неговата 26 години помлада невеста би требало да се венчаат оваа година на неговиот имот во Морага Вајнјардс, Калифорнија, САД. За него, ова би било петти брак, иако зад себе има шест веридби.

Идните „младенци“, како што велат, се запознале на забава на една од поранешни сопруги на Мердок – кинеско-американската претприемачка Венди Денг. Гласините дека магнатот е во врска со Жукова се распространија набргу откако тој ја раскина својата последна наводна свршувачка со поранешната вероучителка Ен Лесли Смит во април 2023 година.

На 11 март, Мардок полни 93 години.

Магнатот бил в брак и со австралиската стјуардеса Патриша Букер, шкотската новинарка Ана Ман и американската манекенка и глумица Џери Хол.

Жукова, пак, претходно била омажена со рускиот милијардер Александар Жуков. Нејзината ќерка Даша – исто така бизнисменка, беше во брак со рускиот олигарх Роман Абрамович до 2017 година.

Руперт Мардок, бизнисмен роден во Австралија, до лани беше на чело на медиумските компании „Фокс“ и „Њус корп“. Според „Њујорк тајмс“, бракот на Мардок со Жукова најверојатно не би влијаел на иднината на неговите бизниси, коишто ги водат неговите четири најстари деца.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.