Медиумскиот магнат, Руперт Мардок, ќе се ожени по петти пат на 92-годишна возраст, а негова избраничка е Ен Лесли Смит (66), пишува „Њујорк пост“.

Ен Лесли Смит е вдовица на американскиот кантри пејач Честер Смит, а Мардок вели дека е среќен поради веридбата.

Мардок минатата година се разведе од својата четврта сопруга, манекенката Џери Хол, по шест години брак.

Неговата медиумска империја, која ги вклучува „Волстрит журнал“, „Фокс њуз“ и други влијателни медиуми, според „Форбс“ вреди повеќе од 20 милијарди долари.

Мардок ја запознал својата нова свршеница минатата година на настан кој го организирал во неговото лозје во Калифорнија, а парот набрзо решил да ја помине „втората половина од животот заедно“.

Свадбата ќе се одржи летово, а парот планира да го поделат времето меѓу САД и Велика Британија.

Мардок, кој има шест деца, прво беше оженет со Патриша Букер, австралиска стјуардеса, од која се разведе кон крајот на 1960-тите.

Тој и неговата втора сопруга Ана, новинарка во весник, беа заедно повеќе од 30 години пред да се разведат во 1999 година.

Неговиот трет брак со Венди Денг заврши во 2013 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.