Националната аеронаутичка и вселенска агенција (НАСА) во Белата куќа ја претстави првата фотографија снимена со вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ за кој се смета дека ќе го промени начинот на кој луѓето ја гледаат вселената.
Американскиот претседател Џо Бајден го објави откритието, за кое истакна дека е најдлабокиот поглед на вселената досега фатен со камера.
Фотографијата покажува дел од вселената, масивна група од грозд на галаксии СМАКС 0723. Гравитациското поле на гроздот делува како сочиво со што се открива светлината од галаксиите во позадина, кои во спротивно би биле премногу бледи и далечни да можат да се видат. Всушност, го имаме првиот поглед на длабоко поле на неверојатно стари и далечни галаксии.
Гроздот од галаксии претставен на сликата во Белата куќа се појавил пред 4.6 милијарди години. Вселената е стара 13.7 милијарди години, така што „Веб“ ќе има шанси да гледа и подлабоко.
Презентацијата беше најава за главниот настан планиран за денеска претпладне, кога ќе се претстават комплетни резултати од првите снимки со вселенскиот телескоп лансиран на далечина од 1,5 милиони километри од Земјата.
Овие слики му кажуваат на светот дека Америка е способна за големи дела и му кажува на американскиот народ, посебно на нашите деца, дека нашите можности се безгранични. Гледаме можности кои никој претходно не ги видел. Можеме да отидеме на места каде никој досега не бил – изјави Бајден.
На настанот се обрати и Бил Нелсон, администратор на НАСА.
Ова е најдлабоката слика на нашата вселена направена досега. Сликата претставена овде покрива делче од небото со големина приближно на зрнце песок на растојание на испружена рака. Тоа е само малечко делче на огромната вселена – изјави тој.
Сликата е снимена со инфрацрвената камера на „Веб“ и составена од повеќе снимки со различни бранови должини на светлината направени во текот на 12.5 часа. На вселенскиот телескоп „Хабл“ му требаа недели да ги направи своите слики со најдлабоки полиња од вселената.
„Веб“ е околу 100 пати поосетлив од неговиот претходник, којшто се наоѓа на 547 км од Земјата.
Вселенскиот телескоп и мисијата се дело на НАСА, а учествуваа и Канадската вселенска агенција (КСА), како Европската вселенска агенција (ЕСА).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.