Сиропусната, белата, прошталната седмица завршува со неделата и празникот Прочка кога луѓето си проштеваат едни на други, за да ги остават и гревовите со оставањето на мрсната храна, а во постот да се воздржуваат и од гревовноста.

Прочка – Верниците меѓусебно си простуваат пред почетокот на Велигденскиот пост. Зборот „Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ = простување или од „проштати“ = проштева. Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Велики поклади – Неделата навечер се поклади. Неделната вечера е богата со млечни производи, пита со сирење и јајца.

Сето ова се збива во еден ден – во последениот ден пред почетокот на Велигденскиот пост. Денес и небото и простува на земјата, а човекот му простува на човекот. Денешната порака е: Проштевајте! – Бог да прости, лесни пости! Ако не простиме, залудно ќе постиме. Лицемерно е да јадеш леб и вода, а да не проштеваш и да не се каеш.

Датирање

Прочка секогаш е во недела. Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник. Таа не се врзува со календарот, со конкретен датум, туку е поврзана со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден.

Прочка е предпочеток на Велигденскиот пост. Црквата го поставила како силен потсетник на духовниот карактер на постот. Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието, инаку значи дека не ни започнало или започнало само формално.

Без каење и проштевање се губи суштината на личносните односи на луѓето кон луѓето и на луѓето кон Бога. Преку тоа се искажува и се покажува љубовта кон Бога и кон луѓето. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Во овој ден твориме спомен на изгонувањето од рајот на првосоздадениот Адам, заради храна, како што устроија божествените свети отци, пред самиот почеток на светата Четириесетница. Бидејќи со тоа се покажува дека постот е лекарство полезно за човечката природа, додека лакомството и непослушанието се гнасни. Оставајќи ги безбројните примери на овие пороци во светот, светите отци укажуваат жив пример во првосоздадениот Адам кој претрпе голема штета во неговиот целосен пад кој донесе штета за нашата природа.

Тој не ја одржа првата заповед за полезниот пост којашто Господ ја даде за човештвото, туку им се покори на желбите на стомакот и на змијата, преку Ева, и не само што не стана бог, туку ја воведе смртта, донесувајќи погуба за целиот наш род. Заради неумереноста на Адама, нашиот Господ постеше четириесет дена и беше послушен. Заради оваа причина, светите апостоли го зачнаа овој сегашен четириесетодневен пост, та како што Адам ја загуби нетрулежноста преку неумереност, ние да можеме да ја здобиеме преку воздржание. Она што Адам го погреши и не го достигна – обожението, тоа ние ќе го здобиеме, ридајќи и постејќи и смирувајќи се, додека Бог не нè посети, бидејќи без тие нешта е невозможно да го примиме она што сме го загубиле.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.