Поларна мечка којашто талкала низ арктичките предели на северот на Русија е спасена, откако нејзиниот јазик се заглавил во лименка со кондензирано млеко.

Жителите на оддалечената населба Диксон кренале тревога кога во средата била забележана двегодишната женка како им се приближува на колибите во селото.

Потоа тим од московската зоолошка градина долетал во селото, го успал животното и го отстранил остриот метал од челуста и ги излекувал исечениците на јазикот.

„Следниот важен чекор е нејзиното закрепнување од анестезијата. Но нашите стручњаци ќе бидат во близина и ќе го следат процесот. Се надеваме дека сѐ ќе биде во ред. Оставивме риба во близина на мечката, бидејќи била без вода и храна веќе долго време“, изјавила Светлана Акулова, директорка на московската зоолошка градина.

Михаил Алшинетски, ветеринар од зоолошката градина, рекол дека мечката доста ослабела и е малку дехидрирана, но и дека очекува дека нејзините рани ќе зацелат.

Во извештаите од оваа седмица, тим од канадски и американски научници предупредува дека гладните поларни мечки сѐ почесто се свртуваат кон депониите близу населените места, бидејќи нивниот леден хабитат исчезнува поради климатските промени.

Научниците предупредуваат дека човековиот отпад преставува сѐ поголема опасност за ранливите популации на поларните мечки, бидејќи животните сѐ почесто за прехранување се свртуваат кон депониите в близина на северните заедници на Алјаска, Канада и Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.