Фестивалот стартуваше во четвртокот, а според бројот на посетители и интересот, уште првиот ден беше јасно дека годинава ќе бидат надминати сите очекувања на организаторите во однос на посетеноста. Според проценките, над 150.000 луѓе беа дел од настаните и настапите на изведувачите во текот на четирите фестивалски вечери. Посетители имаше од цела Македонија, но и од регионот, посебно вчера и во саботата.
Координираноста и посветеноста на општинските институции и МВР придонесоа сите четири дена да поминат во најдобар ред. После завршувањето на секоја фестивалска вечер, градот беше чист и целосно подготвен да ги пречека новите гости. Организаторите од „Арт10 продукција“ и општина Прилеп се посебно горди што граѓаните имаа можност да уживаат во музика, пиво и скара, без забавата да им ја наруши ниту еден најмал инцидент.
Посебна благодарност до сите кои на свој начин придонесоа да имаме спектакуларно издание на „Пиво Фест 2022“. Рокот за организација ни беше само 27 дена, но и покрај сите опструкции со лажни вести и борбата за сензации кои не следеа пред фестивалот, докажавме дека за помалку од еден месец, доколку се настапи сериозно и посветено, со тим од докажани професионалци, може да се организира еден ваков масовен фестивал. Не беше лесно, но едноставно, знаевме што правиме и сакавме народот кој присуствуваше и следеше по медиумите, сам да види како годинава поминува фестивалот, бидејќи главна цел ни беше задоволна и среќна публика. Тоа што немавме ниту еден инцидент и тоа што секое утро градот беше чист и подготвен, како и големата посетеност, поддршката од публиката и медиумите, само покажа во каква атмосфера поминаа сите фестивалски денови. Благодариме на општината и на градоначалникот за довербата и за посветеноста во целата организација, благодариме и на припадниците на МВР кои до раните утрински часови се грижеа за безбедноста на посетителите и за сообраќајот во градот, велат од „Арт10 продукција“, која годинава беше организатор на фестивалот.
.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.