Првиот официјален состанок на кој беа презентирани детали околу подготовката и организацијата на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival, која ќе се одржува во Охрид од 18-ти до 27-ми август, со поддршка на Локалната самоуправа се одржа вчера во просториите на Општина Охрид.
На состанокот присуствуваа градоначалникот Кирил Пецаков, претставници на Здружението за промоција и развој на водените спортови „Фестивал на водени спортови“, претставници на клубовите за водени спортови од Охрид, претставници на Хидробиолошкиот завод, претставници на туристичкиот сектор, претставници на Одделението за спорт при Општина Охрид и останати субјекти кои се вклучени во организацијата.
Беше разговарано за сите спортско-рекреативни настани кои ќе бидат дел од официјалната програма, како и за сите социјално едукативни содржини кои ќе бидат пропратен дел на фестивалот. На состанокот беше презентирано и официјалното лого на Ohrid Water Festival, со автентични детали, кои се дел од главната симболика на Охрид.
Според планираното, на фестивалот ќе бидат организирани 40-тина настани кои значително ќе придонесат за промоција на водените спортови, уникатноста на Охридското Езеро и туристичките потенцијали со кои изобилува нашиот град.
Манифестацијата има за цел да го подигне нивото на промоција на Охрид како атрактивна дестинација за алтернативен туризам, да ја збогати туристичката понуда за гостите и да го зголеми бројот на туристички посети.
На состанокот, беше заклучено дека преку заедничка и посветена работа ќе се овозможи организирање на менифестација за паметење, која ќе биде гордост за охриѓани и манифестација која ќе може да прерасне во традиција, која ќе биде препознатлива за Охрид.
Со сите информации поврзани со организацијата на фестивалот, јавноста ќе биде информирана во текот на наредниот период, преку официјална презентација на фестивалската програма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.