Иако нејзиниот главен празник е на 9 септември, православната црква денес го празнува успението на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија.

Денес, верниците одат во манастирскиот комплекс посветен на Света Ана во село Маловишта кај Битола, кое е единствено во рамките на Националниот Парк Пелистер.

Се верува дека овој манастир има чудотворна моќ за двојките кои не можат да имаат деца. Некои и сега го практикуваат обичајот вечерта помеѓу 6 и 7 август да преспијат во манастирот за да добијат пород. Во близина на манастирот има и лековита вода што извира од коренот на една бука.

Света Ана била ќерка на свештеникот Метан. Со својот маж Јоаким 50 години живеела бе деца, а потоа во подоцнешните години ја родила Марија, Пресвета Богородица. Јоаким со години бил скршен од болка поради тоа што нема деца со Ана, а приказната вели дека во една прилика отишол во пустина каде што со денови тагувал. Еден ден, му е укажал ангел кој му рекол дека господ ќе го благослови со дете, а подоцна истиот ангел го видела и Ана.

Кога им се родила ќерката Марија, Ана и Јоаким му ветиле на Господ дека детето ќе му го посветат на храмот. Затоа се верува дека луѓето со ова име се среќни и носат позитивни животни промени.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.