На еко акцијата „Генералка викенд 2022“ која се одржа од 6 до 8 Мај во 26 општини во земјава, учествуваа речиси 8.000 волонтери и се собраа 185 тони отпад. Тоа е за осум пати повеќе собран отпад од минатата година, или околу 25 килограми за секој волонтер. „Генералка викенд“ е планирано да се повторува секоја година сѐ до 2031, со цел да се исчисти целата земја од отпад и да се имплементира одржлив систем за селектирање и менаџирање на отпад. Есенва, за секои десет килограми отпад што ќе се собрани, ќе биде посадено по едно дрво во шумските насади наречени „Сончева гора“.

Резултатите од акцијата денеска ги соопштија организаторите „Мен енд Маунтен“, заедно со Пивара Скопје и „Пакомак“, поддржани од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство

Честитајќи им го успехот на организаторите на акцијата министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини потенцираше дека успешно воспоставување на одржлив систем за управување на отпадот мора да биде следено со изградени навики и одреден степен на општествена свест.

Акцијата ја покажува важноста на секој од чинителите во процесот на постапување со отпадот и има двојна улога – се развива свеста за правилно одложување, се развиваат позитивните навики за селектирање и се развива потребата за одржување на чиста животна средина, рече Нуредини и додаде дека со засадувањето дрвца отпадот се претвара во бенефит за сите.

Целокупната неопходна инфраструктура за собирање, селекција и соодветен третман на отпадот ја обезбеди „Пакомак“.

Пакомак секогаш ги поддржува акциите за собирање отпад на јавните површини. Од нашето искуство досега, 90% од оние кои учествувале во вакви акции собирајќи несовесно фрлен отпад од нашите сограѓани, никогаш повеќе не фрлаат отпад вон кантите или контејнерите. Уште повеќе, тие стануваат промотори за чиста природа и животна средина. Со акцијата минатата недела, земјава доби промотори и потврдени екологисти, кои успеаа да соберат огромна количина различен отпад. Замислете дека денес, камионите со отпад од Тетово и Битола да го истурат целиот собран смет од градот во природа… тоа е отприлика собраната количина отпад со оваа акција, отпад собран од нашите полиња, шуми и реки. Ние како Пакомак, дел од овој отпад што се рециклира ќе го однесеме на понатамошна обработка во нови суровини, но за жал поголемиот дел ќе биде само прописно депониран. Селекцијата на отпад од дома и одлагање во одделни контејнери иканти, се уште е најдобар опција, изјави извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.

Претставниците на „Мен енд Маунтен“ се заблагодарија на учесниците и најавија дека до 2031 година, до 40-та годишнина од независноста на земјата, заедно можеме да ја оствариме целта која си ја поставивме, а тоа е да ја исчистиме нашата земја од отпад.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.