Муралот со љубопитно девојче, насликан на површина од 21 м2 на училиштето „Григор Прличев“ во Охрид, испраќа порака за инклузивност, прифаќање на различностите и емпатија со оние кои живеат со најразлични предизвици.
Инклузијата е претставена низ духот на детската игра и отвореноста за различностите, а пораката се испраќа преку ѕидот на охридското училиште во центарот на градот.
Автор на муралот во Охрид е уметникот Трајче Павлов, кој се инспирирал од Охридското езеро и од водата како елемент.
Сите ја доживуваме водата како нешто привлечно, ама и непознато. Едно девојче загазува во вода со желба да истражи и открие дали е ладна, длабока, убава и слично. Така гледам и на инклузијата и на емпатијата со различните од нас, со луѓето кои секојдневно живеат со предизвици поради нивните посебите потреби. Не секој има сила и желба да влезе во водата. Секако дека ако влезеш ќе се наводениш, но ќе ги видиш нештата и од другата страна. Секој различно гледа на различностите. Мене ме водеше духот на детската игра и детската отвореност. Децата најлесно ги прифаќаат поинаквите од нив. И додека цртав, тие доаѓаа до мене фасцинирани од големината на цртежот, од боите, од различните елементи. Се обидов да го доловам акварелниот ракопис, неговата пастелност и лазурност и тука повторно сакав да се доближам до детската фантазија. Кога цртам и јас сум дете – вели Павлов, кој на муралот што е на површина од 21 квадратен метар работеше цела седмица.
Муралот е симболичен подарок за крајот на учебната година од Халкбанк АД Скопје, која продолжува да испраќа важни општествено-одговорни пораки преку јавните простори.
Муралите полека стануваат наш препознатлив знак. Избираме уметници со специфичен уметнички израз и активистички пристап. Овој пат им се обраќаме на најмалите, со цртеж за инклузијата. За нас таа не е поим, туку вистинска состојба на која секојдневно работиме и како банка, но и како поединци, потенцира Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.
Муралот за инклузивноста во Охрид е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.