Болаји Фатаи е 21-годишен Нигериец, кој никогаш не стапнал во авион, но тоа не го спречило да изгради сопствен модел на летало на далечинско управување и да го вивне во небото над хаотичниот нигериски комерцијален центар Лагос.

И покрај облачниот и ветровит ден, авионот со еден пропелер успеал да ги издржи страничните удари од ветрот високо над песочното фудбалско игралиште, пред да се спушти ниско над главите на набљудувачите во Овороншоки, сиромашна населба во источниот дел на градот во која живее Фатаи.

Пропелерот и далечинскиот управувач ги купил во продавница, но трупот, крилата, опашката и перката ги конструирал од парчиња рециклиран стиропор од отпад и ги прицврстил со леплива лента. Распонот на крилата на неговиот авион е околу 1 метар.

Почнав да се занимавам со ова хоби кога имав 7 години. Собирав некои предмети и работев на помали проекти. И секогаш се чувствувам воодушевено кога гледам како лета авион“, вели 21-годишниот Нигериец за „Ројтерс“.

Хобито на Фатаи наскоро би можело да се претвори во нешто повеќе и да ги оствари неговите детски соништа. Имено, една технолошка компанија му понудила стажирање, што е важен прв чекор кон остварување на неговата желба да стане аеронаутички инженер.

Со оглед на тоа дека нашата земја спаѓа во оние неразвиените, се надевам дека ќе станам дел од луѓето кои ќе работат на нејзин развој, користејќи ја мојата дронска технологија“, вели Фатаи .



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.