Јапонското вселенско летало „СЛИМ“ го направи клучниот чекор кон слетувањето на Месечината, коешто треба да биде прво во историјата на оваа далекуисточна земја. Роботизираниот месечев приземјувач влезе во Месечевата Орбита на 25 декември, како што и беше предвидено. Испратени се и првите снимки од нашиот природен сателит.
Леталото долго 2,7 метри, беше лансирано на 6 септември заедно со вселенскиот телескоп „Икс-РИСМ“. Додека вториов уред остана во Земјината Орбита, „СЛИМ“ ја напушти гравитацијата на нашата планета на 30 септември и се упати кон Месечината. Леталото се наоѓа во елипсовидна орбита каде што се потребни 6,4 часа за да ја заобиколи Месечината. Во најблиската точка е оддалечена 600 километри, а на најоддалечената точка 4.000 км., објави Јапонската вселенска агенција – ЈАКСА.
„СЛИМ“ ќе се обиде да слета на површината на Месечината на 19 јануари 2024 година, и доколку тоа успее, Јапонија би била петтата земја, по Русија (СССР), САД, Кина и Индија, која ќе изврши меко слетување со летало на површината на Месечината.
Ако се оди според планираното, јапонското летало треба да фрли две микросонди на површината на Месечината по слетувањето. Овие сонди ќе фотографираат и ќе му помогнат на тимот на мисијата да го следи статусот на леталото што ќе овозможи независен комуникациски систем за директна комуникација со Земјата. „СЛИМ“ не е првото јапонско вселенско летало коешто стигнало до Месечевата Орбита. Сондата „Хитен“ го направи тоа во 1990., а СЕЛЕНЕ во 2007 година.
Приземјувачот „Хакуто-Р“ на „Испејс“ беше во орбитата во март, се обиде да слета во април, но имаше проблем со неговите сензори, па таа мисија беше неуспешна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.