Иво Санадер, поранешен премиер на Хрватска, стана шеф на затворската библиотека во затворот „Липовица“. Тој не е вработен, туку затвореник, но е задолжен за културното издигнување на затворениците, јавија хрватските медиуми.

Поради примерно однесување, но и нарушено здравје, поранешниот премиер Иво Санадер повеќе не е во „Реметинац“.

Господинот Санадер е во КПУ Липовица неколку месеци. Тоа е полуотворен затворски систем, а сега тој е во многу подобри затворски услови од претходно“, објаснува неговиот адвокат Чедо Продановиќ за Нова ТВ.

Во Липовица 80-тина осуденици казната ја издржуваат во соби со просечна површина од 20 метри квадратни, а поранешниот премиер ја дели својата соба со цимер. Затворениците имаат постојана медицинска нега – лекар и две медицински сестри – и многу други придобивки.

Затворениците сами готват под менторство на професионален учител. Затворот има фискултурна сала, но и библиотека, за која, како што дознава Дневник на Нова ТВ, од неодамна раководел Санадер.

Според здружената пресуда за аферите Фими медиа, Планинска и ИНА-МОЛ, Санадер мора да помине вкупно 18 години зад решетки. Против него се водеа пет постапки, од кои во две е правно ослободен.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.