Екипата на Министерството за животна средина и просторно планирање почна со поставување на новата автоматска мониторинг-станица за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот Охрид. Станицата се поставува на булеварот Туристичка, во непосредна близина на спортскиот центар „Климент Колески“.

„Со ваквата поставеност на мониторинг-станицата, загадувањето на амбиенталниот воздух во општина Охрид би се мониторирал од аспект на загадувањето од согорување горива за затоплување резиденцијални и административни установи, особено поради доминантниот правец на ветерот од северната страна на Охрид, со вклучен удел од сообраќајот поради близината на булеварот Туристичка.

Мониторинг-станицата ќе биде дел од државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање, што во моментот брои 21 мерна станица и една мобилна, секоја со шест инструменти за следење на раззи параметри“, соопшти Министерството.

Како што се додава, вредноста на мониторинг-станицата е околу 100.000 евра, а средствата се обезбедени од буџетот на Министерството. Се очекува најдоцна до средина на ноември мерната станица да биде тестирана и комплетно функционална.

Надградувањето на Државниот мониторинг-систем, негово проширување со нови мерни станици и мерни инструменти, како и пристап до информациите од мерењата преку веб-страницата на МЖСПП е во согласност со главните стратешки определби и обезбедување континуиран пристап до информации за животната средина, појаснуваат од Министерството.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.