Во рамки на Илинденските чествувања, вчера попладне во Бигорски манастир, беше извршен чинот на Доксологија – молитва за татковината а во мијачкото село Лазарополе,  беше одржана Божествена Евхаристија. Според востановената традиција, токму од игуменот на манастирот Епископот Антаниски г. Партениј, во Бигорскиот манастир, беше извршен чинот на Доксологија (Славословие), во кој се принесуваат молитви за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и татковината, особено во Илинденското востание.

Претходно, традиционално како и секоја година, во славното мијачко село Лазарополе, беше одржана Божествена Евхаристија со која чиноначалствуваше владиката Партениј, каде беше пречекан со особена љубов и гостопримство.  Црквата посветена на Свети Георгиј Победоносец беше претесна да ги прими стотиците верници, некогашни жители и нивни потомци, но и оние од соседните села, како и од Дебар.

Во беседата владиката Партениј рече дека „Светата Црква денес, преку примерот на Светиот Пророк Илија, нè повикува на едно подлабоко размислување за нашата вера, за патот што ни е даден преку милоста Божја“.

-Како наследници на богооткриената вистина, ние сме повикани со истата одговорност како и стариот Израил, кој бил повикан да живее во вистината и да ја чува светлината на спасителното откровение. Верата наша православна ни е основа од која извираат правомислието и просветлението, коишто потем ги обликуваат нашите обичаи и целокупниот живот. Од лажната, пак, вера произлегуваат морални падови, заблуда, декаденција. Не е тешко да се заклучи дека нашето време, за жал, е слично со времето на Светиот Пророк Илија, кој живеел среде народ што се оддалечил од Бога, наведе владиката во беседата.

Додаде дека и денес во христијанскиот свет, кој треба да биде светилник на моралот и на вистината и да влече напред, кон возвишеното, се случува едно големо морално пропаѓање, со стравотни последици. Доволно е, нагласи, да погледнеме наоколу, за веднаш да воочиме како духовниот распад се претставува како нова норма. Нихилизмот, релативизмот, исмевањето на сè што е свето станале верувањата и идеологиите на нашето време.

-Отворањето на Олимписките игри во Париз, на пример, беше соодветен сценски приказ на таа отворена декаденција, одраз на патот по кој новото време стрмоглаво нè води. И што е тоа што го гледаме како нова религија? Тоа е, всушност, религијата на старите лажни богови, или поскоро – идолите на материјалното и на личните страсти. Парите, самољубието, личните задоволства се старо-новите божества. Душата на современиот човек е оддалечена од живиот Бог. Последиците се очигледни: изопачени навики, морална ерозија, заборав на нашето Свето Предание. Заборавивме како се живееше во светоста, како нашите предци го почитуваа Бога и како животот во Христа им беше дел од секојдневието. Нашите родители нè учеа на љубов, на благочестие и на почит кон сè што е добро и богоугодно. Нашето минато беше исполнето со светлина и со доброта, и затоа и ние сме повикани да го зачуваме тоа наследство и да го пренесеме на идните поколенија, посака владиката Партениј.

Во Лазарополе беа и познатите Мајовци, кои секогаш се тука за Илинден зашто и нивните потомци потекнуваат од ова село, од каде се преселиле во Дебар.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.