Во Музејот на град Скопје се одржа работилницата за деца „Мојата џиновска сликовница“, прва од шесте тематски работилници за развој на детската креативност, кои ќе се рeализираат летово под слоганот „Халки шарено лето“. Ментор на работилницата беше писателката Јулијана Величковска. Учесниците имаа задача да создадат творби со пораки за заштита на планетата Земја, чист воздух, здрава и чиста околина. Среќните и љубопитни дечиња се втурнаа во светот на креативноста и создадоа приказни од кои секој возрасен треба да се подзамисли. „Оги Џинот и Јован“, „Двете мали кучиња“, „Човекот кој ѝ помогнал на желката“, „Марко и змејот“ „Мачето Халко и херојот“, „Трите мачиња“, „Маша херој“ се само дел од насловите на сликовниците кои синоќа ги креираа вредните детски рачиња.

Дечињата ги понесоа со себе креираните сликовници за да ги чуваат како дел од своите домашни библиотеки.

Дечињата беа љубопитни и вредни, брзо ги совладуваа задачите, беа комуникативни, си помагаа меѓусебе, се дружеа, пишуваа, цртаа, ја развиваа нивната имагинација на теми како екологија, соживот и емпатија кон луѓето, но и кон животните, инсектите, растенијата… Разговаравме за важноста на приказните, за важноста на читањето, научија кои состојки нѝ се потребни за да напишеме приказна за деца и како потем од таа приказна да се создаде (џиновска) сликовница. Верувам дека покрај сликовницата што ја изработија, со себе понесоа и нови знаења, нови искуства, радост заради новостекнатите другарчиња, весели спомени од работилницата и желба за уште слични настани и другарувања, раскажува писателката Јулијана Величковска.

Втората работилница е наречена „Танцуваме во Халки ритам“ и ќе се одржи следната среда под менторство на Бобан Русески, танчар и кореограф.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.