Властите во бразилскиот град Рио де Женеиро прогласија вонредна состојба во јавното здравство поради појава на Денга треска, само неколку дена пред почетокот на карневалот низ Бразил.
И покрај тоа, не се очекува епидемијата да го наруши карневалот, кој официјално почнува во петок навечер и ќе трае до 14 февруари.
Градското собрание на Рио де Женеиро најави отворање на 10 центри за нега, центар за итни случаи и распоредување на болнички кревети за пациентите со Денга треска, која ја пренесуваат комарците.
Во регионите со најголем број регистрирани инфекции, властите ќе користат и возила кои испуштаат средства за заштита од комарци во воздухот.
Од почетокот на годината, во Рио де Женеиро се регистрирани повеќе од 10.000 инфекции со Денга, што е нешто помалку од половина од вкупниот број за цела 2023 година, кога беа регистрирани 23.000 случаи.
Вонредната состојба во јавното здравство е прогласена додека туристите доаѓаат во Рио на улични забави и раскошни паради на училиштата за самба.
Денга треската е вирусна инфекција која се пренесува на луѓето со каснување од заразени комарци и е почеста во тропските клими. Честите дождови и високите температури, кои го забрзуваат созревањето на јајцата од комарци и развојот на ларвите, го прават топлиот Рио подложен на епидемии на Денга. Меѓутоа, проблемот постои низ цел Бразил. Напливот на инфекции со Денга поттикна најмалку четири држави да прогласат вонредна состојба во јавното здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.