За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.
Обичаите велат дека домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со вапцувањето на јајцата. Треба да касне макар еден залак леб, зашто, наводно, доколку вапсува на празен стомак, таквите јајца не носат радост, туку би можело оној што ги вапсува да биде несреќен и болен.
Сепак, и во вапсањето јајца, како и во сите други нешта што се работат, секогаш е најважна добрата мисла. Така, штом излезат првите сончеви зраци на Велики Четврток, домаќинката (или кој било што ги вапцува јајцата) ги буди најблиските и со првото јајце им поминува по лицата со зборовите: црвено, бело, дебело!
Инаку, вапсањето на јајцата за Велигден е еден од најраспространетите обичаи за самиот празник, што всушност, претставува симбол на животот и на раѓањето, а црвената боја, со која најчесто се бојат јајцата, ја претставува Христовата крв.
Тој обичај, според преданието, потекнува од чинот на Марија Магдалена, која по Христовото страдање тргнала во Рим за да го проповеда евангелието. Кога излегла пред царот Тибериј, му подала црвено јајце и рекла: „Христос воскресе”.
Оттогаш, спроти Велигден, христијаните ги бојат јајцата и со тоа го одбележуваат Христовото воскреснување.
Првите три јајца се вапсаат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години.
– Првото вапцано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце.
– Второто вапцано јајце е за домаќинот на семејството.
– Третото вапцано јајце за бериќет и за стоката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.