Познатото македонско древно светилиште, Бигорскиот манастир, се подготвува за одбележувањето на втората манастирска слава, 7 јули, Денот кога се слави сечесниот празник на рождеството на патронот и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован.
Традиционално за празникот Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден се очекува големо присуство на верници и гости од сите делови на државава.
Во четврток, на 6 јули, во Свештената бигорска Обител ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:30 часот, а на кое молитвено ќе претстои старецот и игумен на бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. Во петок наутро, на 7 јули, во 08:45 часот ќе биде пречекан нашиот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј. Почеток на Светата архиерејска Литургија е во 9 часот, информираа од Бигорскиот манастир.
Додаваат дека славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот.
Затоа, порачуваат, да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча.
Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот пророк и крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат, тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен, нагласуваат од манастирот.
Посочуваат дека и кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш „колку ли, пак, повеќе светиите божји ги милуваат оние кои ги чествуваат“.
Молитвите на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас, посакуваат од Бигорскиот манастир.
Првата слава на манастирот отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован е на 11 септември.Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и минатата година го одблежа големот јубилеј 1000 години од основањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.