Германецот Лука Фердменгес (22) е професионален жонглер кој сака да патува. Своите патувачки авантури ги споделува на социјалните мрежи каде што собра повеќе од 200.000 следбеници, а сега во интервју за „Дејли мејл“ ги истакна своите пет најдобри и најлоши земји за посета во Европа, пренесува „Слободен печат“.

„Убаво е црногорското крајбрежје, Охридското Езеро во Македонија е фантастично, кога шеташ низ Скопје е како да шеташ низ музеј… Словенија има одлични планини и е поевтина алтернатива за Швајцарија или Австрија“, вели жонглерот.

Лука ја вклучи Хрватска меѓу петте најдобри земји за посета во Европа.

– Многу е тешко да се изберат само пет, но мои фаворити се Португалија, Кипар, Шпанија, Австрија и Хрватска. Сите овие се познати дестинации, но мислам дека се познати со причина. Повеќе сакам топли места отколку ладни, па затоа претпочитам да бидам на југот на Европа. А медитеранските земји имаат, повторно според мене, најдобри временски услови. Ја сакам и медитеранската кујна, многу маслиново масло, свеж зеленчук – вели жонглерот.

Тој ги пофали и Албанија, Косово, Србија, а ги советува сите да го посетат Сараево… Бидејќи буџетот му е ограничен, тој истакнува дека овие земји имаат „пристапни“ цени.

Најлошите пет земји за посета според овој Германец.

– Сан Марино сигурно. Глетката е одлична, архитектурата импресивна… Но, нема што да правите таму. Можете да видите сè за неколку часа. Белгија ми е премногу сива и премногу студена во зима, Белорусија е премногу изолирана, Лихтенштајн е изолиран и скап… Одлично е да се посети ако можеш да си дозволиш. И петта би била Финска. Краткото возење со такси таму може да ве чини 30 евра! Земјите од Скандинавија се убави, но едноставно ми се прескапи. Ако сте со ограничен буџет, избегнувајте ги Финска, Исланд, Данска, Норвешка и Швајцарија – вели младиот Германец.

Тој вели дека Турција и Белорусија се најразлични од остатокот на Европа, додека најлошата клима за него е во Велика Британија.

Инаку, овој млад човек е во мисија да ги посети сите земји во светот и вели дека Европа му е омилен континент за патување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.