Ема Ананиевска, е девојка која, иако целосно слепа, од второ одделение се дружи со пијаното. Од тогаш до денес, Ема е вистински виртуоз на овој инструмент, а кога таа свири, под нејзините прсти пијаното добива сосема нова смисла.
Со вакви зборови, „Криејтив војс“ ја почнува сторијата за оваа, сега 27-годишна девојка, која и покрај физичкиот хендикеп и целосното слепило, не си дозволила да се откаже од својата искрена љубов кон пијаното.
Во второ одделение се запишав во музичко и на почетокот немав баш претстава што е тоа. Повеќе беше иницијатива на моите родители, бидејќи почувствувале дека имам некаков сенс, па ајде да видиме како ќе ми оди. Се сеќавам дека кога на тестирањето ме прашаа зошто се запишувам тука, им реков дека сакам да бидам пејачка, а не свирачка, хахаха… Потоа се одлучив за пијаното бидејќи беше единствениот инструмент за кој имав претстава како изгледа, но никогаш не се покајав за изборот – вели Ема за тоа како почнала „љубовна приказна“ меѓу неа и пијаното.
Таа не дозволила физичкото слепилото да и’ ги затвори внатрешните, очите на духот. Тој внатрешен вид и’ овозможил денес, на 27 години, да може да се пофали со хартија на која пишува „дипломиран пијанист“, но и со нешто за кое секоја хартија е скромна да го собере – безброј настапи и концерти, помеѓу кои и оној во Москва – една од престолнините помеѓу чии ѕидини низ вековите твореле некои од најголемите пијанисти.
Сепак, на патот кон овој успех не била поштедена од предизвици.
Во процесот на совладувањето на пијано техниката не сум имала проблеми, бидејќи тоа е нешто што или ќе го совладаш или нема, нема врска со видот. Сепак, најголемата пречка ми бил процесот на читање партитури, бидејќи немав соодветна литература ниту на Брајово писмо ниту, пак, некаков програм кој би ми олеснил, па моравме да плаќаме дополнителни часови. Особено на факултет, бидејќи и самата наставна програма беше многу пообемна.
Низ целото образование сум се соочувала со доста проблеми. Сепак, голем дел од наставниците и професорите сакале да помогнат и да излезат в пресрет. Имало и од оние другите, но не го сфаќам тоа лично, едноставно такви биле. Но, и што се однесува до оние кои сакале да помогнат, на кои им благодарам, сепак, таа помош не била доволна за едно дете со целосно оштетен вид.
Ова важи за сите видови попреченост – наставникот/професорот во редовно училиште не може доволно да му се посвети на тоа дете колку што му е потребно. Мене практично, образовни асистенти ми беа дома моите родители – учеа со мене, ми читаа, работев со нив и пишував домашни… Сметам дека во 21. век, за една развиена држава или држава која стреми кон тоа, вакво нешто е недозволиво. Не секој родител тоа може да си го дозволи, а и не е негова работа – вели Ема.
Таа вели дека тука има проблем во поставеноста на системот дури и кога се прават обиди да се помогне. Конкретно, Ема истакнува дека во државава не јасно определена разликата помеѓу образовните и личните асистенти, кои се лица кои треба да им помогнат на лицата со попреченост.
Личниот е пред се’ тука да му помогне на детето во однос на мобилност, социјализација, дружење итн., додека образовниот асистент мора да исполнува одредени критериуми и да има пред се’ соодветно образование. Исто така, мора да постојат и обуки за наставниот кадар кои нема да траат пет дена како што траат. Што се однесува до средношколците, сметам дека е страшно што средното образование е задолжително, а овие деца се оставени сами на себе – како што бев и јас. Нам ни беа потребни 20 години да се поместиме од мртва точка, а јас се надевам дека нема да ни требаат уште толку за работите да бидат решени до барем некое нормално, основно и културно ниво – вели Ема.
Повеќе на: „Криејтив војс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.