Годинешното издание на најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас ќе се одржи овој викенд, од 12 до 14 јули, во живописниот Галичник. Неколку илјади домашни посетители и странски туристи повторно ќе уживаат во атрактивното доживување кое го нуди овој единствен настан од ваков вид.
По објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2024, советот на МЗ Галичник ја избра среќната двојка. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски.
Институционален покровител на „Галичка свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова. Тоа дополнително го истакнува значењето на оваа манифестација, која игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура и туризам.
Ваквиот начин на обележување на Галичката свадба прв пат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија. Токму половина век од соработката со оваа манифестација годинава обележува Пивара Скопје, чија што поддршка и брендови прераснаа во своевиден симбол на настанот.
Традиционално, почетокот на свадбениот обред, вечерта в сабота, 13 јули, ќе го означи побратимот со „фрлање“ на три пушки и со виорење и поставување на свадбениот бајрак. Вечерта продолжува со останатите обичаи – пречек на тапаните, кои два дена ќе ечат низ Галичник, свекрвиното оро, а членовите на НУ „Танец“ ќе го одиграат симболичното „Тешкото“. Секогаш импресивна е и глетката кога сватовите со борина в рака ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми кај опеаната „Упија“.
Денот на венчавката, недела, 14 јули, ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, меѓу кои таканареченото канење на мртвите, канењето на кумот, бричењето на зетот, бодинењето, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други обичаи. Ѝ годинава пејачка група ќе ги изведува подзаборавените обредни песни. Венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со испраќањето на тапанџиите и зурлаџиите.
И за годинешната манифестација ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим, а организаторот и партнерите апелираат посетителите да се придржуваат до куќниот ред, да не возат доколку пијат и да се грижат за околината и природата во Галичник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.