ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата наскоро ќе ги објават кандидатите носители на изборните листи за претстојните парламентарни избори, информираше денеска претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој беше во посета на Општина Битола.
Тој уште еднаш го повтори партискиот став за организирање на претседателски и парламентарни избори во ист ден.
Се уште официјално не сме ги определиле носителите на изборните листи, иако јас сам за себе се претставив како потенцијален носител на листата кандидати за пратеници во изборната единица број 1. Набргу од денеска, јавноста ќе ги знае носителите на останатите изборни единици. Ние, исто така се подготвуваме за конвенцијата за избор на претседателски кандидат зад кој ќе застанат ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, истакна Мицкоски.
На новинарско прашање во врска со пресудата кон пратеникот Бране Петрушевски за јавно искажано мислење од парламантарната говорници, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ посочи дека нивната партија ќе почне процес за разрешување на судијата од Куманово.
Судијата од Куманово пресудил против пратеникот Бране Петрушевски без притоа да води сметка за уставот и имунитетот, и затоа ние како ВМРО – ДПМНЕ овој случај ќе го истераме се до крај, односно се додека овој судија не биде разрешен. Тоа е важно затоа што ако тој донесува нестручна и антиуставна пресуда, тогаш може да замислите уште колку нарачки ќе добие за да суди по нечија наредба. Овој процес ќе се одвива се додека судијата не биде разрешен, изјави Мицкоски.
Прудружуван од потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Николоски, градоначалникот Тони Коњановски и членови на раководството на таа партија, претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски изврши увид на проекти од инфраструктурата во населеното место Долно Оризари, изградбата на нов кружен тек во Битола, а вечер ќе се обрати на собир на граѓани што ќе се одржи во Нова Битола.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.