Истражувачкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ „Љубиша Георгиевски“ и Фондацијата „Конрад Аденуер“ организираат тридневна академија наменета за активисти од ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, насловена „Важноста на ефективната комуникација во градењето успех“.
Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека тренинг-семинарот го отворил претседателот на партијата Христијан Мицкоски кој ја истакнал важноста на транспарентната и отворена и отчетна комуникација со граѓаните во време на кампања, но и по преземањето на одговорноста да се води државата.
Со учеството во политичкиот живот, вие повеќе не сте само граѓанин, туку имате одговорност да ја претставувате на најдобар можен начин ВМРО-ДПМНЕ и сите граѓани. Затоа, таа комуникација мора да биде сериозна, посветена и достоинствена. Граѓаните заслужуваат политичари кои вистински се грижат за државата, нагласил Мицкоски.
На отворањето се обратиле и Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во државава, и Гринтер Крихбаум, пратеник во германскиот Бундестаг и портпарол на ЦДУ.
Во поздравното обраќање Даниел Браун истакнал дека професионалниот и позитивен настап е од големо значење за една политичка партија на сите нивоа.
Локалното ниво е првата визит-карта на една партија за да ги убеди граѓаните во нејзината суштинска и лична компетентност во политичкото работење. ВМРО-ДПМНЕ е партија со силни корени во градовите и општините. Важно е истите да се зајакнат и понатаму да се развиваат овие вештини и способности, бидејќи довербата на граѓаните секогаш одново треба да се придобие, истакнал Браун.
Според пратеникот од ЦДУ Гинтер Крихбаум, политиката е најуспешна кога е најблиску до граѓаните, на локално ниво.
Тој истакна дека се надева дека и ВМРО-ДПМНЕ како членка на Европската народна партија ќе има можност наскоро да учествува на изборите за Европскиот парламент, жалејќи поради билатерални разлики во минатото, што го одолговлечиле процесот на приклучување на земјата во ЕУ. Охрабрувајќи ги учесниците да продолжат со следните чекори во правец кон Европа, при што цврсто можат да сметаат на поддршката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, но особено на ЦДУ како партија, информира ВМРО-ДПМНЕ
Од партијата соопштија дека тридневниот настан ќе се осврне на теми како што се улогата на општинските комитети во ефективната комуникација со граѓаните, комуникација и соработка со општинските комитети во рамки на изборните единици и ефикасни модели на односи со јавноста, етичност во комуницирањето, односите со медиумите, социјалните медиуми и нивната употреба за ефикасна комуникација со различни целни групи, како и стратешко позиционирање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.