Војната во Украина немаше да се случи доколку Доналд Трамп останеше американски претседател, а Унгарија стои покрај него како „вистински пријател“ кој е нападнат од „либералниот мејнстрим“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто во интервју за американските медиуми.
„Ако Трамп победеше на изборите, оваа војна немаше да се случи“, рече Сијарто во интервју за емисијата „Национален извештај“ на десничарскиот канал „Њузмакс“.
Унгарецот рече дека за време на мандатот на републиканецот немало „руски напади против никого“ и дека Будимпешта го гледа неговото потенцијално враќање во Белата куќа како надеж за мир во Украина.
Вчера поранешниот американски претседател пред судот во Мајами се изјасни за невин по обвиненијата дека незаконски чувал доверливи документи по напуштањето на Белата куќа, вклучително и оние за нуклеарното оружје и потенцијалните ранливости на земјата во случај на напад.
Трамп е обвинет и во државата Њујорк затоа што наводно платил порно ѕвезда да молчи за нивната врска.
Сијарто во интервју за американските медиуми, кое денеска го објави на својот официјален Фејсбук профил, рече дека овие обвиненија не се ништо невообичаено и дека ваквата ситуација се повторува секогаш кога конзервативен лидер ќе има можност да ја преземе власта, што се случува и во Европа.
„Либералниот мејнстрим не бега од користење на различни алатки, а судството е едно од нив“, рече Сијарто, министер од конзервативната влада, која исто така често е обвинета за кршење на поделбата на власта и нетранспарентност.
„Ние стоиме покрај Трамп и ги дстискаме палците за него. Под негово водство, САД и Унгарија имаа најдобри односи во историјата“, рече унгарскиот министер, додавајќи дека републиканецот како „вистински пријател“ може да смета на поддршката на Будимпешта.
Трамп останува пред своите ривали за републиканската номинација во 2024 година, според анкетата на Ројтерс-Ипсос објавена во понеделникот, додека 81 отсто од републиканските гласачи, исто така, сметаат дека наводите се политички мотивирани.
Запрашан дали Унгарија ќе го одобри членството на Шведска во НАТО алијансата, која се уште чека зелено светло од Анкара и Будимпешта, Сијарто рече дека нападите слични на оние против Трамп доаѓаат од таа скандинавска земја.
Унгарскиот министер рече дека Стокхолм ја напаѓа Будимпешта дека е недемократска, што пратениците го сфатија како навреда. Тој нагласи дека владата го поддржува процесот на ратификација, но дека претставниците ќе го потврдат членството на Шведска „кога ќе бидат подготвени за тоа“.
Зборувајќи за војната во Украина, Сијарто рече дека таму не страдаат само Украинците, туку и Унгарците. Унгарското малцинство во Украина има 150.000 членови, така што тие често се регрутираат да се борат на првите борбени линии, рече тој.
Затоа, Унгарија сака примирје што е можно поскоро, бидејќи „секој нов ден на војна носи нови жртви“.
„Оваа војна нема решение на бојното поле“, заклучи тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.