Полицијата во Копенхаген, уапсила 22-годишен Данец во врска со пукањето во трговски центар во кое загинаа неколку лица. Во соопштението се наведува дека не се исклучува можноста дека станува збор за „терористички чин“.

Полицискиот инспектор, Сорен Томасен, додава дека полицијата почнала масовна операција за пребарување низ локалниот регион Сјеланд, пренесува „Ројтерс“.

Томасен одби да разговара за потенцијалните мотиви на осомничениот или дали тој е познат на полицијата.

Според соопштението на полицијата, засега нема индиции дека биле присутни и други напаѓачи.

Портпаролот на главната болница во главниот град, Ригшоспиталет, соопшти дека установата лекувала „мала група пациенти“ и дека биле повикани дополнителни хирурзи и медицински сестри за да им помогнат во лекувањето.

Полицијата во Копенхаген на Твитер објави дека полицајци биле испратени во трговскиот центар по дојава за пукање.

Тие ги советуваа луѓето во трговскиот центар да останат на место и да чекаат да дојде полиција. Локалните медиуми објавија слики на кои се гледа тешко вооружена полиција на местото на настанот, како и луѓе кои бегаат од трговскиот центар.

Прво луѓето мислеа дека е крадец… Потоа наеднаш слушнав истрели и се фрлив зад пултот во продавницата – изјави очевидец за телевизијата „ТВ2“.

Според очевидци, напаѓачот пукал во толпата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.