Европската енергетска криза, предизвикана со намалената испорака на природен гас од Русија за време на војната со Украина, принуди жители на некои европски земји да се свртат кон поевтини извори на греење, како што е огревното дрво, пишуваат дел од светските медиуми.

Бидејќи се зголемува бројот на луѓе кои складираат, цените нагло пораснаа, пријавени се недостиг и кражби и постои страв од влијанието на зголеменото загадување на воздухот и сечата на дрва врз животната средина.

Лидерите на Молдавија се загрижени дека зимата што доаѓа може да биде особено тешка за многумина граѓани поради високите цени на струјата и греењето, затоа што европските цени на природен гас тројно се зголемија во споредба со почетокот на 2021 година и покрај падот од рекордните вредности забележани во август.

Побарувачката за огревно дрво не е ограничена само на посиромашни земји како Молдавија, туку се зголеми и во богатите региони на Европа, наведуваат дел од медиумите.

Државните шуми на Германија, Полска и Чешка имаат многу поголема побарувачка за ограничени количини огревно дрво, што го продаваат во рамки на нивното одржливо стопанисување со шумите.

Германската агенција за статистика објави дека цените за огревно дрво и пелети направени од струготини, што може да се користат за централно греење, се зголемени за над 85 отсто во август во однос на година дена претходно.

Растат цените на огревното дрво и во Велика Британија.

Чешките државни шуми, што продаваат дрва само за домашна потрошувачка, мораа да ја ограничат количината на огревно дрво што се продава на поединци, со цел да спречат шпекулативни набавки.

Побарувачката за ситно огревно дрво од државните шуми во Полска порасна за 46 проценти, а за големо огревно дрво за 42 отсто до крајот на август во однос на годината претходно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.