Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во своето синоќешно видеообраќање изјави дека подигнувањето на украинското знаме на Змиски Остров е знак дека неговата земја не е скршена.

Секој руски капетан, на брод или авион, нека го види украинското знаме на Змиски Остров и нека знае дека нашата земја нема да биде скршена, истакна Зеленски.

Тој додаде дека двомесечната операција за ослободување на Змиски Остров е предупредување до руските сили во Украина.

Од почетокот на руската инвазија врз Украина, Змискиот Остров повеќе пати е заземен од руската и од украинската армија.

Украинската армија вчера објави фотографија како војници поставуваат знаме на Змискиот Остров во Црно Море. По објавувањето на фотографијата со украинското знаме, руското Министерство за одбрана соопшти дека го ракетирале Змиски Остров и ги елиминирале украинските војници.

Тврдењата на Москва за напад врз Змискиот Остров не се независно потврдени, но локалните власти во Одеса претходно објавија дека руските сили го ракетирале Змиски Остров.

Змискиот Остров е стратешки важен и за Украина и за Русија. Во Црното Море има само неколку острови, а Змискиот Остров е лоциран на околу 200 километри јужно од Одеса, и од него може да се контролира целиот поморски сообраќај во близина на најголемиот пристаништен град во Украина. Со долгорочна окупација на островот, Русија ќе може да го блокира речиси целиот извоз на стоки преку пристаништето Одеса.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.