Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во своето редовно обраќање до граѓаните, му одговори на рускиот претседател Владимир Путин за неговите минатонеделни тврдења дека се уништени американски противвоздушни системи „Патриот“, што Украина ги доби од Западот.

Зеленски беше дециден дека сите системи за воздушна и ракетна одбрана „Патриот“, што САД и ги доставиле на Украина, сè уште работат.

Тие се уште се на бојното поле, оперативни се и соборуваат руски ракети, што е можно поефикасно. Ниту еден систем за воздушна одбрана „Патриот“ не е уништен, изјави Зеленски.

Како што пишува лондонски „Гардијан“, се чини дека коментарите на украинскиот претседател се одговор на тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин, искажани на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, во кои тој сугерираше дека Москва уништила пет системи Патриот во близина на Киев.

Зеленски им се заблагодари на „бранителите на украинското небо“, вклучително и украинските пилоти, велејќи дека во текот на изминатата недела извршиле повеќе од 100 координирани напади со батерии врз непријателските позиции и заднинскиот дел и дека уништиле речиси триесет проектили и педесет беспилотни летала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.