Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати пред шефовите на држави во Советот на ЕУ во Брисел.

Прво зборуваше за уништувањето на земјата од страна на Русија и нанесените штети, но и се заблагодари за сплотеноста на Европа во поддршката на Украина.

Руската војска не гледа што е достоинство. Не знаат што е совест. Не разбираат зошто толку ја цениме нашата слобода. Тоа е она што одредува како ќе живее земјата – рече тој.

Зеленски посочи дека руската армија уништила 230 училишта, 155 детски градинки и убила 128 деца во Украина.

Цели градови, села, се до пепел. Ништо не остана. Руската војска уби новинари, иако на нив имаше напишано „прес“. Можеби несе научени да читаат. Само да убиваат, рече тој.

Потоа во свој карактеристичен стил упати критика до европските челници за задоцнетата реакција во запирањето на Русија.

Воведовте санкции. Благодарни сме. Тоа се силни чекори. Но, беше малку задоцнето … постоеше шанса – рече Зеленски додавајќи дека доколку имало превентивни санкции Русија можеби не би влегла во војна.

Исто така укажа дека доколку бил блокиран гасоводот „Северен тек 2“ Русија не би создала енергетска криза.

Зеленски побара од соседните држави да го поддржат барањето на Украина за придружување кон ЕУ.

Во своето обраќање украинскиот претседател се заблагодари на државите-членки на Унијата за поддршката, но не и на Унгарија, повикувајќи го претседателот Виктор Орбан да се определи каков ќе биде неговиот однос кон Русија.

Мислите ли да воведете санкции или не? Се двоумите дали ќе дозволите оружје низ вашата земја или не, дали ќе тргувате со Русија или не? Нема време за двоумење, веќе е време да се решите – рече Зеленски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.