Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се сретна со лидерот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер и нагласи колку е важна за Украина помошта од 60 милијарди долари од САД, која ја одолговлекува Претставничкиот дом на САД.

– Овој пакет не е обичен, тој е од фундаментално значење за нашата одбрана, како во однос на неговата содржина, така и во однос на сигналот што поддршката или не поддржувањето на овој пакет го испраќа до светот, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање за неговата средба со демократот Шумер и неговата делегација во Лавов.

– Демократиите не треба да се повлечат од историскиот процес – од процесот на одбрана на сите вредности што го дефинираа нашиот модерен свет, рече Зеленски.

Пакетот помош помина во Сенатот, но е заглавен во Претставничкиот дом бидејќи Доналд Трамп, поранешниот претседател и моќник на Републиканската партија, не сака да помине, пренесува ДПА.

Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, републиканец, досега одбива да го поднесе предлог-законот на гласање во Претставничкиот дом.

– Денеска ги информирав сенаторите за ситуацијата на бојното поле – за директната поврзаност помеѓу оружјето што го имаат нашите војници и резултатите што ги постигнува нашиот заеднички непријател, изјави Зеленски.

Украинските вооружени сили неодамна претрпеа сериозни неуспеси на неколку делови од фронтот поради недостиг на муниција и недостиг на воздушна одбрана.

– Разговаравме за соодветните приоритети со американската делегација, информира Зеленски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.