Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска категорично ги отфрли руските наводи дека ултрарадикални борци биле стационирани во породилиште во Мариупол.
Болницата во украинскиот пристанишен град вчера беше бомбардирана, веројатно од воздух, а рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека таму немало медицински персонал, туку бил камп за радикали.
– Русите беа излажани (на ТВ) за фактот дека наводно нема пациенти во болницата и дека нема жени и деца во породилиштето, рече Зеленски во видеопорака. Сето тоа беше „лага“, додаде тој, велејќи дека тројца цивили биле убиени, а 17 повредени во рускиот напад врз објектот.
„Пропагандистите“ на руската телевизија ќе одговараат, додаде тој, откако ја обвини Русија и за попречување на обидите за поставување хуманитарни коридори од Мариупол.
„Руските трупи веќе создадоа хуманитарна катастрофа во Украина“, рече тој.
Претходно денеска, Лавров од Анталија оцени дека се „лажни“ наводите за руски напад врз породилиштето во украинскиот град Мариупол. Тој рече дека Русија веќе ги информирала Обединетите нации дека во поранешната болница воопшто немало медицински персонал, туку оти објектот бил претворен во камп на ултрарадикални борци од украинскиот баталјон „Азов“.
ЕУ најостро го осуди бомбардирањето на породилиштето во Мариупол, порача на Твитер шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
-Мариупол е под опсада. Бомбардирањето од страна на Русија на породилиштето е грозоморно воено злосторство. Воздушните напади врз станбени области и блокирањето на конвои за помош од страна на руските сили мораат веднаш да прекинат. Потребен е безбеден пристап, сега, напиша на Твитер високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Обединетите нации и Светската здравствена организација повикаа на „итно прекинување на нападите врз болниците, здравствените работници, амбулантните возила“ во Украина.
„Тие не смеат никогаш да бидат цели на напади“, изјави пред медиумите портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Дужарик додаде дека ОН ги следат деталите за пријавениот напад врз детска болница и породилиште во градот Мариупол, каде што се пријавени најмалку 17 повредени.
СЗО досега потврди најмалку 18 различни напади врз здравствени установи од почетокот на рускиот напад врз Украина, при што се убиени десет, а се повредени 16 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.